top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Одбележани 59 години од смртта на Милтон Манаки

Во организација на Комуната на Власите „Браќа Манаки“ и кино клубот „Студио Милтон Манаки“, на Влашките гробишта во Битола, денес се одржа чествување по повод 59 години од смртта на Милтон Манаки. Во чест на на првиот снимател на Балканот, свежо цвеќе положија градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, претставниции на Советот на општината, како и други делегации – претставници на институции и асоцијации кои го негуваат делото и творештвото на Браќата Манаки. Градоначалникот Коњановски, за идната година, најави повеќе активности, кои ќе се реализираат во чест на Милтон Манаки: „Се собравме да одадеме достојна почит на еден од великаните на кинематографијата и зачетоците на кинематографијата на Балканот. Битола е почестена што Браќата Милтон и Јанаки Манаки, биле дел од историјата на градот. Затоа, заедно тука се договоривме, идната година, кога се навршуваат 60 години од смртта на Милтон Манаки, подостоинствено да го одбележиме тоа, за што се договоривме да формираме Иницијативен одбор кој ќе се погрижи за одбележувањето, затоа што навистина, на вакви великани, Битола, треба достојно да им се оддолжи“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, прифаќајќи ја иницијативата на претставниците на Клубот „Милтон Манаки“. „Делото на Манаки, денес знаеме се чува на две места, дел во Кинотека на Македонија, тоа е филмскиот опус, а додека останатиот, фотографскиот опус се чува во нашиот Архив. Мене ми е многу драго што се презедоа одредени акции околу трајното зачувување на тој фонд, што ќе претставува големо историско и културно богатство, не само за Битола и Македонија, туку и за целиот Балкан. Заслугата на Милтон и Јанаки Манаки е огромна. Заедно твореле и создавалае, а заслугата на Јанаки е дотолку голема што успеал, поголемиот опус од нивното творештво да го зачува, за денес да го имаме ние и да го презентираме пред јавноста. Делото е големо и треба да се почитува и вреднува. Сакам да покренеме иницијатива, за догодина, кога ќе одбележуваме 60 години од неговото упокојување во градот да се направи една поголема манифестација во негова чест, но и во чест на Јанаки.“, рече Стевче Хаџиантоновски, претседател на Клубот „Студио Милтон Манаки“.


1 view

Comments


bottom of page