top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Од Свети Наум до Градиште извадени 64 напуштени мрежи

Спроведена мерка за заштита на биодиверзитетот

Дури 64 т.н. мрежи духови биле извадени од Охридско Езеро во рамките на четиридневната кампања, спроведена од 2 до 5 октомври, на локалитети од Свети Заум до полуостровот Градиште. Акцијата за чистење на езерото од напуштените мрежи беше реализирана на длабочина од 5 до 35 метри во потегот на просторот каде што се наоѓаат и природните рибни плодишта на охридската пастрмка, во рамките на пилот-проектот од јавната научна установа „Хидробиолошки завод“ од Охрид, организацијата „Хелти сис“ и нуркачите од нуркачкиот центар „Амфора“, пренесува „Охрид њуз“. Овие мрежи се опасни не само затоа што прават замки за рибите и другиот жив свет во езерото туку и затоа што на нив се напластуваат органски или физички материјали. Мрежите служат како стапици за рибите, најчесто се напластени во локалитетите во кои се наоѓаат рибните плодишта и не само што се закана за рибите туку служат и како вештачки бариери и пречки во кои живиот свет може да биде заплеткан, задржан, оставен тука и да угине. – Во принцип се изработени од материјали што не се биоразградливи, претежно најлон, кој остава последици врз животната средина и живиот свет што го населува Охридско Езеро. Се надевам дека ваквите активности во иднина ќе најдат поголем одзив и поддршка од релевантните институции и можеби ќе продолжат како годишна активност на Институтот – вели директорката на ЈНУ „Хидробиолошкиот завод“, Орхидеја Тасевска. Милутин Секулоски од нуркачкиот центар „Амфора“ истакнува дека нивната цел била да ги локализираат местата каде што има „мрежи духови“. – Оваа година тргнавме во правецот од Свети Заум до зад полуостровот Градиште. Езерото е доста големо и има доста локации со заостанати мрежи. Ова е една пионерска работа во однос на вклучување меѓународни организации за вадење „мрежи духови“. Најголемиот број мрежи се на карпестиот дел, каде што се мрести охридската пастрмка, и сите се зафатени за карпите и тешко може да се извадат. Длабочината на која работевме беше од над 30 метри до поплиткиот дел од 5-6 метри – додава Секулоски. Душица Илиќ-Боева од ЈНУ „Хидробиолошки завод“ од Охрид истакна дека спецификата на местото за мрестење на пастрмката е тоа што самиот простор е исполнет со карпи и овие „мрежи духови“ многу лесно се закачуваат. – Ова е една мерка за помош на заштита на биодиверзитетот – потенцира Илиќ-Боева и додава дека се потребни построга примена на законските регулативи, поголема координација на релевантните институции вклучени во решавањето на овој проблем и поостри казни. Вероника Микос, директорката на „Хелти сис“, најголемата и најискусна глобална нуркачка организација фокусирана на феноменот „мрежи духови“, смета дека целта на ваквите акции не е само чистење на водните живеалишта туку и анимирање на јавноста за потребата од поголема заштита на животната средина.



1 view

コメント


bottom of page