top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

„Од оркестарот за публиката“ за старт на Скопско лето 2021

Updated: Jun 19, 2021

19.06.2021 Juni Sabota

Концерти, изложби, театарски претстави, пред сè во изведба на македонски уметници, но и од регионот, промоции на книги и филмови во рамки на Кафе-киното, ќе го одбележат годинешното издание на фестивалот „Скопско лето 2021“. кое ќе стартува во својот традиционален термин – на првиот ден на летото и Светскиот ден на музиката „Fete de la Musique“. Скопско лето – препознатливиот скопски фестивал, кој во топлите денови, веќе 42 лета, ги анимира скопјани и годинава ќе понуди бројни и разновидни културни содржини, во соработка со националните културни институции и на повеќе отворени и затворени простори и локации низ Скопје.

Ова го потврди и Никола Глигоров, директор на Дирекцијата за уметност и култура, којашто е организатор на фестивалот „Скопско лето“.

„Од минатата, пандемиска година, заедно со публиката, критиката и авторите добивме впечаток дека нашата држава располага со голем број квалитетни и талентирани уметници. Затоа, годинава, најголемиот дел од програмата на ‘Скопско лето’, ќе биде посветена на домашните изведувачи и ансамбли, но ќе има гости и од регионот, како од Србија, Хрватска, Црна Гора, но и од Германија, Австрија, Канада. Фестивалот, и покрај финансиските проблеми кои ги има, пред сè заради скромната поддршка од Министерството за култура, се обидува да опстои на својата традиција да даде можност за афирмација на домашните и странските уметници, но се грижи и за уживањето на публиката. Затоа во програмата има настани кои се наменети за оние кои културата ја сметаат за забава, но има и содржини кои се обраќаат на публика, која има изградено високи естетски критериуми кон уметноста. Музиката годинава ќе биде најзастапена во програмата, но ќе има и изложби, претстави…“, посочи Глигоров на денешната прес-конференција, одржана во фоајето на НОБ.

Свеченото отворање на фестивалот е на 21 јуни, од 21 часот, со операта без зборови „Од оркестарот за публиката“ на Оркестарот на Националната опера и балет под диригентските палки на Бисера Чадловска и Иван Еминовиќ, што ќе се одржи во Салонот на НОБ. НОБ ќе ја обележи и втората фестивалска вечер (22 јуни, од 21 часот) со концерт на Хорот под диригентство на Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, со пијано придружба на Јанинка Невчева на Зелениот покрив на ГТЦ.

Следуваат бројни музички настапи како концертот на дуото „Хагер – Калмиков“ со Јулија Хагер на пијано од Германија и Кирил Калмиков на виолончело од Канада, оперската претстава „Дон Џовани“ на Оперскиот ансамбл од Осиек, Хрватска, потоа „Туркуаз” на Џенгиз Ибрахим, музичко-драмскиот концерт „Писмото од кралот“, џез-ритмите „Мelody in Rhymes” на Васил Хаџиманов трио, концертот „The Best оf Montenegro“ на дуо-гитарите на Дарко Никчевиќ и Срѓан Булатовиќ од Црна Гора, Вечерта со руски романси, концертот „Kleztango аnd Beyond“ на Дуо Тренев & Вајс со Иван Тренев на хармоника и Мориц Вајс на кларинет и бас кларинет од Австрија, потоа вокално-инструменталниот концерт „Мелем песна” на aнсамблот „Танец”, гостувањето на „Трио Јонген“ од Хрватска, настапот на етно-составот „Монистра, концертот на сопранистката Анастасија Холц со пијано придружба на Зорка Миливојевиќ од Србија, балетската претстава „Сви марш на плес”, концертот „Музичка прошетка – француски шансони” на Џон Илија Апелгрен, a за најмалите и настап на дечиња од Детскиот фестивал „Поточиња“.

Во рамки на Скопско лето 2021, публиката ќе може да посети и неколку изложби како јубилејната „110 години од раѓање на Димче Коцо“ на Националната галерија, фотоизложбата на театарски маски „Провокативни лица” на Филип Цветковиќ од Србија, изложбата „По патот на нивната младост“ по повод 80 години од Народното востание (73 години од Основачкиот конгрес на СБМ од НОАВМ 1941-1945), потоа „Напречно црвено низ празното” на Марина Цветановска-Мартиновска, изложбата фотографии „Портрети на уметници” на Сашо Алушевски.

Љубителите на театарот, пак, ќе можат да ги проследат театарските претстави „Отело” во режија на Нина Николиќ, „Само глас” во режија на Марјан Неќак, „Смртта на Дантон” на Андреј Цветановски, монодрамата „Кармен“ во изведба на Биљана Драгиќевиќ-Пројковскa, а режија на Дејан Пројковски, а оние кои читаат книги ќе можат да отидат на промоциите на монографијата „75 години – Повеќе од игра и песна“ на ансамблот „Орце Николов“ и на „Приказни од Пајко Маало“ на Марина Мијаковска.

И годинава скопјани ќе можат да гледаат филмови како дел од Кафе-киното на „Скопско лето“, кое ќе стартува на 9 јули во Кинотека со српската комедија „Викенд со тато“. Во рамки на кафе-киното во Кинотека, ќе можат да се проследат проекции и на филмовите „Збогум морони“, „Шарлатан“, „Супердлабок“, „Гостинот“, „Сеќавања од Италија“.

„Скопско лето“ годинава ќе се затвори со концертот „Вода“ на 30 јули, на којшто ќе настапат Давор Јордановски на клавијатури, Александар Секуловски на тапани, Оливер Спасовски на бас, Александар Јовевски на кавал и тамбура, Борче Кузмановски на клавијатури, Сања Шуплевска на виолина, Маја Кастратовиќ на пијано и Орце Ицковски на фагот, а ќе се одржи на Факултет за ликовни уметности – Сули-ан.

„’Скопско лето’ значи култура за сечиј вкус и култура достапна за сите. Токму затоа овој период Скопје живее во духот на ‘Скопско лето’. Организаторот на ова издание се потрудил да вклучи што повеќе странски и домашни уметници, но и да анимира нови алтернативни културни простори, кои во иднина ќе се користат за одржување на вакви или слични настани, како што е Културниот центар во Кисела Вода“, истакнува, пак, Петре Шилегов, градоначалник на Град Скопје, главен покровител на фестивалот. (Н.И.Т.)



1 view

Yorumlar


bottom of page