Од „луксузен“ до незаменлив играч во тимот
ТИЈАГО АЛКАНТАРА, ФУДБАЛЕР НА ЛИВЕРПУЛ
Ливерпул го декласира Манчестер јунајтед на „Енфилд“, со 4-0, и по победата на „Олд трафорд“ од 5-0, лани во октомври, стана првиот што постигнал девет гола во една сезона во Премиер-лигата. Главен во „шоуто“ беше Тијаго Алкантара (31), кој одигра уште еден одличен натпревар, на кој имаше дури 105 прецизни додавања, што е уште еден показател за неговата игра на средината на теренот. Последните два меча (против Манчестер сити во полуфиналето од ФА-купот во саботата) веројатно беа најдобрите за Шпанецот со бразилски корени во „црвениот“ дрес, за двете сезони во Англија. – Беше многу добар! Тој е играч од светска класа, нема сомнеж во тоа, кога ја чувствува играта и кога е во ритам, може да биде опасен со и без топка. Мораме да го одржуваме во добра форма. Тој секогаш е на вистинското место на теренот, нема пет милиони играчи како него на планетата. Малкумина ги гледаат работите порано од другите и поседуваат техничка способност да ја додадат топката каде што сакаат – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп. Пред две години Ливерпул го ангажира Тијаго за да му помогне во одбраната на титулата во Премиер-лигата. Но не му одеше сѐ како што посакува од доаѓањето во Англија. Во првата сезона, на Мерсисајд-дербито против Евертон, Ричарлисон грубо го фаулира, поради што паузираше неколку месеци. Откако закрепна, „закачи“ ковид-19, што сѐ заедно придонесе да му биде потребно дополнително време да се врати во форма и да ја покаже својата класа. Во некои моменти го нарекоа дури и „луксузен играч“! Но при крајот на втората сезона, тој стана многу важен дел во тимот во клучните недели во трката по уште три трофеи. – Никогаш во кариерата не сум имал ваков возбудлив месец, со толку многу важни и возбудливи мечеви на секои три дена, против најдобрите тимови, во најдобрите натпреварувања. Сево ова личи на светско или на европско првенство, каде што секој натпревар е финале – вели Тијаго. Во играта на Тијаго нема паника, туку само смиреност и леснотија. До крајот на сезонава таа негова смиреност, одличниот преглед на игра и прецизните додавања, сигурно ќе му бидат од помош на неговиот тим. Тој лично ќе има дополнителен мотив за триумф во ФА-купот на „Вембли“, во мај, против Челси, оти пред финалето на Лига-купот во февруари се повреди на загревањето. – За жал, не можев да играм во тоа финале, затоа со нетрпение очекувам повторно да истрчам на „Вембли“. Навивачите се неверојатни, сакам да играм за нив – вели Тијаго. Тијаго може да се пофали со четири титули во Ла лига со Барселона и со седум триумфи во Бундес-лигата со Баерн Минхен. Доколку Ливерпул стане првак, тој ќе му се придружи на Арјен Робен, кој има освоено титули во Англија со Челси, во Шпанија со Реал Мадрид и во Германија со Баерн Минхен.
Comments