top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Од купување гласови и сим-картички, тепачки, до погрешни или фрлени знамиња

Скандалите неразделен дел од македонското учество на „Евровизија“

Скандалите се неразделен дел од македонското учество на „Евровизија“. Уште од првото официјално учество на Македонија на фестивалот во 1998 година, речиси ниеден наш претставник ја немал таа привилегија да замине без афера за наводно местење на гласовите и други перипетии. Владо Јаневски прв пееше на евровизиската сцена во Бирмингем, кога ја исполни „Не зори зоро“, но веднаш по објавата на победата почна да се шпекулира за местење на гласовите добиени со телефонски јавувања. Во 2000 година нѐ претставуваа девојките од групата „ХХЛ“, со песната „Сто посто те љубам“, во Стокхолм, но на домашната јавност поинтересен ѝ беше фактот што поради трема девојчињата малку фалшираа, па се крена голема врева околу тоа. Во 2004 година, Тоше Проески беше нашиот претставник во Истанбул со песната „Life“. Тој носеше бела долга одора, креација на Ношпал, која наиде на бурни критики во јавноста.

Тепачка пред Универзалната сала

Следната 2005 година, македонските бои на „Евровизија“ во Киев ги бранеше Мартин Вучиќ со „Make my day“. Победата на „Скопскиот фестивал“ му го обезбеди учеството, но се случи скандал кога второпласираната Александра Пилева бурно реагираше за наводно местење на резултатите. Пред Универзалната сала имаше и вистинска тепачка. Во Белград во 2008 г. за Македонија пееја Тамара, Адријан Гаџа и Врчак со „Let me love you“, а медиумите ја обвинија Тамара за лошиот стил. Во 2010 г. наш претставник беше Ѓоко Таневски со „Јас ја имам силата“, а од овој избор Танески го доби прекарот Фиш (риба), поради лошиот англиски во едно интервју, по што беше исмеан од целата македонска јавност. Освен тоа, неговата победа на „Скопскиот фестивал“, според тимот на второпласираниот Влатко Илиевски, беше дискутабилна. По неколку години отсуство, мразот го скрши Калиопи во 2012 г. со песната „Црно и бело“ и конечно бевме меѓу финалистите во Баку. Но на првата прес-конференција во МРТ пред да замине, Калиопи од новинарите беше нападната дека била против учеството на Тоше Проески на „Евровизија“. Оттогаш одговорните во МРТ, како носители на лиценцата, веќе не прават прес-конференции, туку своите претставници најчесто ги избираат интерно и ги претставуваат преку соопштенија.

Наместо „Империја“ се пееше „Пред да се раздени“

Во 2013 г., кога во Малме нѐ претставуваа Есма и Лозано, исто така се случи голем скандал. Првично избраната песна „Империја“, за која беше снимен и спот, МРТ брзо ја повлече по лавината реакции на јавноста и ја смени со песната „Пред да се раздени“. Есма беше многу навредена од одлуката, а синот Симеон најави дека тоа што се случувало заткулисно ќе го објави во книга. Даниел Кајмакоски во 2015 г. со победата на „Скопскиот фестивал“ беше избран за наш претставник на „Евровизија“ во Виена, со песната „Лисја есенски“, на композиторот Јоаким Персон, но поради местење на резултатите во телефонското гласањето имаше и уапсени лица од страна на МВР. Потоа песната беше сосема сменета. Следната 2016 г. во Шведска, наша претставничка повторно беше Калиопи со „Дона“ на Ромео Грил, но овој пат не влезе во финалето, а тоа не го направи ниту Јана Бурческа во 2017 г. во Киев со „Dance alone“, која ќе остане запаметена по тоа што за време на гласањето пред целиот евровизиски аудиториум доби свршенички прстен од своето момче. Не беа финалисти ни Бојан и Марија од „Ај кју“ во 2018 г. во Лисабон со песната „Lost and Found“, но бевме забележани, бидејќи Марија беше прогласена за најлошо облечена учесничка на „Евровизија“ таа година. Овој лош период падна во заборав во 2019 г. во Тел Авив, кога Тамара ја испеа песната „Proud“, освојувајќи го високото седмо место, нашиот најголем успех на овој избор. Малерот се случи по нејзиното враќање, кога на 4 јули, на приемот во американската амбасада таа ја пееше македонската химна и при изведбата направи грешка во текстот. Следуваа јавен линч и нејзино долго непојавување во јавноста.

Погрешно знаме и бугарско државјанство

Преклани Васил Гарванлиев требаше да нѐ претставува во Ротердам со песната „You“, но поради пандемијата на коронавирусот фестивалот не се одржа. МРТ одлучи тој и лани во Холандија да нѐ претставува со песната „Here I stand“, чиј автор е самиот, но по објавата на спотот за оваа нумера јавноста бурно реагираше поради тоа што, наводно, во секвенца од неколку секунди е прикажано бугарско знаме. Подоцна се воспостави дека, всушност, станува збор за уметничко дело со слични бои и со одлука на евровизискиот тим спорните кадри беа отстранети. Сепак, бурните реакции не стивнаа, бидејќи се појави снимка на која Гарванлиев вели дека, освен македонски поседува и бугарски пасош и оти има роднини во Бугарија. Беше потпишана и петиција за негово неучество, односно учество на „Евровизија“. На својот фејсбук-профил Гарванлиев јавно им се извини на сите, по што МРТ, носител на лиценцата за учество на нашата земја на „Евровизија“, одлучи тој да учествува, но, за жал, и покрај одличниот настап не влезе во финалето.

Непромислен, но не злонамерен потег

Наша годинешна претставничка на „Евровизија“, која се одржува во Торино, Италија, е Андреа Коевска, која пред европскиот аудиториум треба да настапи утревечер, 12 мај, во второто полуфинале, а ќе се претстави со „Circles“, песна на Александар Масевски. Сѐ уште е неизвесно дали ќе се случи тоа, поради завчерашниот инцидент со фрлањето на знамето пред официјалниот почеток на „Евровизија“ и претставување на сите 40 учесници. Овој инцидент предизвика бура од реакции во јавноста, осуда од матичната куќа МРТ, а случајот се најде и пред Јавното обвинителство, од каде што велат дека „нема индиции оти во настанот имало намера државното знаме да се изложи на подбив и исмејување“. Сепак, работите се смирија по јавното извинување на Андреа, а поддршка доби и од Мери Попова, шефицата ма македонската евровизиска делегација, според која, инцидентот со знамето е непромислен, но никако „злонамерен“. За Игор Трајковски, претседателот на Македонскиот евровизиски фан-клуб ОГАЕ, „потегот на Андреа е несмасен, но не мисли дека бил направен со некоја злобна намера“. – Тие минувања пред фоторепортерите се многу куси и постојано ти велат да побрзаш бидејќи секогаш временски се доцни, затоа Андреа во тој момент не се снашла што да направи со знамето. Малку е чудно што баш никој од делегацијата не бил во близина да го преземе знамето, ама не го знаеме контекстот, можеби му давале на некој друг изјава во тој момент – на килимот работите знаат да бидат по малку конфузни. Да малерите ни се случуваат и тоа е голема штета. Не се сеќавам на ниедна „Евровизија“ каде што не ни се случил некаков скандал, почнувајќи од изборот на претставникот/песната, па понатаму. Навикнати сме веќе – Вели Игор Трајковски од ОГАЕ Македонија. При сево ова не смееме да заборавиме дека македонското учество на овој престижен фестивал чини од 150 до 300 илјади евра.

https://www.novamakedonija.com.mk


2 views

Bình luận


bottom of page