top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Од денеска можеме да гласаме за Тамара Грујеска, македонската преставничка на „Јуниорскиот евросонг“

Само уште два дена нѐ делат од финалето на „Јуниорскиот евросонг“, што ќе се одржи в недела, во Ница, Франција. Фестивалот почнува во 16 часот, а Македонската телевизија директно ќе го пренесува на Првата програма. Но, поддршката за Тамара Грујеска, македонската годинашна претставничка на овој престижен музички натпревар за деца и тинејџери може од денеска да ја дадеме гласајќи за неа. Без разлика каде и да сте во светот, може да гласате на официјалната страница на Јуниорскиот Евросонг „jesc.tv“. Тука можете да ги погледнете кратките прегледи од земјите учеснички, а имате право да гласате за тројца ваши фаворити вклучувајќи ја и својата земја. Инаку, дванаесетгодишната Тамара уште пред неколку години посака да ја претставува Македонија на овој избор и ете, желбата ѝ се оствари. Таа и целиот тим што е со неа во Ница, се задоволни од двете генерални проби. Тамара Грујеска ќе настапи со песната „Кажи ми, кажи ми кој“ чиј автор е Роберт Билбилов, микс и мастеринг Дарко Димитров и Роберт Билбилов, а текстот на Роберт Билбилов и Коста Петров. – Двете проби минаа одлично. Презадоволни сме од изведбата на Тамара, прекрасно и моќно звучи и одлично изгледа на сцената. Позитивните коментари што секојдневно ги добиваме на социјалните мрежи и воопшто тука, ни се доказ дека МРТ годинава направи одличен избор за „Јуниорскиот евросонг“. Со нетрпение го очекуваме настапот во недела – изјави шефот на делегацијата, Дијана Гогова Атанасова. М.Т.




0 views

Comments


bottom of page