ОД БАБИТЕ ВО СЕЛАТА СОБИРАМ ИНСПИРАЦИЈА ЗА МОИТЕ ПЕСНИ, ВЕЛИ ПЕЈАЧКАТА ЗАРИНА ПРВАСЕВДА
Македонската пејачка Евгенија Здравевска, со уметничко име Зарина Првасевда, е горда на наградата за најдобар нов талент во Будимпешта, во изборот на европската UpBeat платформа. Од 10 номинирани кандидати, преку јавното гласање на ниво на Европа, публиката ја избра Зарина, која пее македонска и светска традиционална музика. Како награда, таа доби снимање видео со француската продукција „Ла Блоготек“ .
„Tоа е награда за најдобар европски талент. Од првичните 100 таленти од Европа, бевме номинирани десетмина и за нас, покрај стручното жири, гласаше и европската публика. Горда сум на секој свој постигнат успех. Не би рекла најгорда, зашто и она што се чини мало, а во кое се вложени душа и труд, за мене е големо и значајно. Но, би рекла дека нависитна се радувам што последниве три години откако активно работам, спонтано ми се собра органска публика, едно мое големо семејство кое ја сака традиционалната музика, музиката на другите јазици, не само македонската, а притоа ме бодри мене и начинот на кој го правам тоа. Тоа за мене е од витално значење и голем ветер во грб, ми дава сила и ме бодри на патот. За тоа сум бескрајно благодарна и на сите тие луѓе како и досега, така и отсега ќе им се одолжувам со многу музика“, ни изјави младата пејачка.
Зарина Првасевда е горда на наградата за најдобар нов талент во Будимпешта
Следниот настап на Зарина е на Пин конференцијата во рамките на фестивалот Таксират, што ќе трае од 30 ноември до 3 декември.
„Настанот трае три дена, а ќе се одржи во Скопје, во Младинскиот културен центар. Ќе се одржи и церемонијата на доделувањето на наградата, како и емитувањето на видеото кое наскоро ќе го снимам во Париз, како дел од наградата на UpBeat“, вели пејачката и додаде дека ѝ е во план да одржи и свој концерт.
„Артистот е жив сѐ додека мечтае и сонува. Јас сонувам постојано и неретко соновите ми се остваруваат, се разбира зашто вистински верувам. Имам многу желби и амбиции, пред сѐ музички, но си ги чувам за себе, додека работам на нив. Кога ќе се остварат, ќе им се радуваме“, ни изјави пејачката.
Таа учествуваше во борбата за прогласување на Шар Планина за национален парк и патува од село до село за да се сретне со локалните баби и да ги истражува и снима нивните песни и приказни што ги споделуваат. Вели дека тие ѝ се голема инспирација за песните што ги пее.
Има учествувано на Офф-фест во Скопје, Д фестивал во Дојран и на неколку фестивали во Унгарија, Франција, Хрватска и Бугарија. Моментално е на европска турнеја и работи на својот втор албум.М. ЏАРОВСКА
Фото: Т. РАНТАША
Kommentare