top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Од 7 до 12 октомври: „Стаклено момче“ ќе го отвори 9. „Џифони Македонија“

06.10.2021 Oktomvri Sreda

Со проекција на италијанскиот филм „Стаклено момче“ утре (7 октомври во 18 ч), стартува 9. издание на Филмскиот фестивал за деца и млади „Џифони Македонија“, кој ќе се одржува до 12 октомври во Кинотеката и Младинскиот културен центар во Скопје. Според директорот на фестивалот Дарко Башески, годинава во официјална селекција ќе бидат прикажани 17 играни и 28 краткометражни филмови кои ќе бидат проследени и оценувани од ученици од основните и средните училишта од Скопје. Темата на ова издание е „Подобрувајќи го светот“.

„По една година ковид искуство и минатогодишното онлајн издание повторно се враќаме во киносалите со ограничување од 30 проценти учество, но со полна програма, со филмови и работилници во живо. Во вечерните термини ќе има програма „Џифони плус“ фокусирана на односите на децата и родителите и очекуваме дека на тие проекции ќе доаѓаат и родители. Оние деца, пак, кои нема да присуствуваат ќе можат дел од програмата да ја следат преку видео на фејсбук-страницата на ‘Џифони Македонија’“, посочува Башески.

Според Деа Крстевска-Тамборини , програмски селектор, програмата е богата со работилници, мастеркласови и други интересни содржини.

„Од годинава се воведуваат т.н. хабови од пет града од Македонија, од каде што на програмата ќе се приклучат и други средношколци од државата. Тие ќе ги следат филмовите онлајн и ќе учествуваат на работилниците. Ќе се приклучат и учесници од странство преку видео конекција“, истакна меѓу другото Крстевска-Тамборини. Таа потсети дека македонскиот фестивал постои во соработка со италијанскиот фестивал „Џифони експириенс“, кој минатата година го прослави 50. роденден.

Заменик-амбасадорот на Италија Марио Де Роза, кој и самиот како млад бил дел од фестивалот, посочи дека ова е успешна приказна проширена низ целиот свет.

„Џифони фестивал е дијалог меѓу младите, простор каде тие се среќаваат и разговараат за различни теми битни за нивниот социјален развој“, истакна Де Роза. Претставникот на италијанскиот фестивал во Македонија Марко Чезаро, пак, додава дека сите меѓународни проекти во други држави годинава се одложени освен „Џифони Македонија“, кој се реализира со поддршка на македонската Агенција за филм и Министерството за култура, Град Скопје, партнерот од Италија „Џифони Експириенс“ и основачот Клаудио Губитози и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Инаку, најактивните џифонци ќе добијат награда да присуствуваат на италијанското издание на фестивалот во 2022 година (Д.Т.)


2 views

Comments


bottom of page