Огромна побарувачка за билети за СП 2022 низ целиот свет
25.01.2022 januari Vtornik
ФУДБАЛ
Повеќе од 1,2 милион билети за натпреварите на Светското првенство (СП) годинава во Катар побарале гледачите низ светот само во првите 24 часа од почетокот на аплицирањето, објави Светската фудбалска федерација (ФИФА). Најголема побарувачка за билети има од Катар, а потоа следуваат Аргентина, Мексико, САД, Обединетите Арапски Емирати, Англија, Индија, Саудиска Арабија, Бразил и Франција. Повеќе од 140.000 билети се побарани за финалето, кое треба да се одигра на 18 декември, на стадионот „Лусаил“ во Доха, и над 80.000 за воведниот натпревар на 21 ноември, на стадионот „Ал Бајт“ во Ал-Кор, кој е со капацитет од 60.000 седишта. Поради големото интересирање од целиот свет, ФИФА ги потсетува љубителите на фудбалот дека само на нејзината официјална интернет-страница може да се аплицира за билети за СП 2022. Првиот продажен период, кој е во тек, завршува на 8 февруари. Доколку бројот на билети за кои се аплицира ги надминува расположливите резерви за домашниот и за меѓународниот пазар, билетите ќе се доделуваат преку извлекување, по случаен избор, за што добитниците ќе бидат известени најдоцна до 8 март.
Comments