„Овој човек го сакам најмногу на светот“: Слаткаристика со синот Моша ја разнежни публиката на концертот за паметење во Охрид
- Aleksandar Santovski
- Aug 4
- 3 min read
04.08.2026 Avgust Vtornik
„Овој човек го сакам најмногу на светот“, рече Слаткаристика кога на сцената на преполниот стадион „Билјанини извори“ во Охрид го повика својот шестгодишен син Моша.
Таткото и синот заедно ја испеаја „Насмевка“, песната што раперот му ја посвети пред три години, по неговиот роденден, а токму тој момент ја разнежни публиката и донесе најсилен аплауз на концертот.
Слаткаристика приреди концерт за паметење на Илинден, исполнет со хитови, бројни гости и неочекувани изненадувања. Илјадници луѓе од сите генерации го наполнија стадионот „Билјанини извори“, а најинтересно беше што дојдоа многу родители, заедно со своите деца тинејџери.
Едно од најпријатните изненадувања на вечерта беше Ана Стојановска, македонската претставничка на детската Евровизија. Откако ја забележа меѓу публиката, Слаткаристика ја повика на сцената и ѝ предложи да ја испее старата верзија на „Сара“, што беше поздравено со голем аплауз.„Покажи што знаеш на големата сцена. Да ни донесеш победа на Евровизија“, ѝ рече Слаткар на Ана, која во октомври ќе ја претставува Македонија во Малта.
Романтичен момент донесе песната „Кажи да“, кога Слаткаристика ѝ пријде на сопругата Сања Николиќ и повторно ѝ ја запеа песната со која ја запроси. На видеобимот се покажаа снимки од запросувањето и од нивната свадба во 2014 година.
Како најголема ѕвезда, Калиопи излезе како последна гостинка. Беше една од најочекуваните гостинки на концертот. Слаткаристика раскажа дека како 14-годишник, кога „Обои ме“ била голем хит, една новогодишна вечер ја пуштил песната дваесетина пати.„Ја пуштив 20 пати песнава и ми велеа дека е доста, но од оваа песна никогаш не е доста“, рече Слаткар.
Калиопи, која ќе одржи концерт на 17 октомври во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, потоа го испеа хитот „Дали ме сакаш“.„Те сакам многу“, му рече на Слаткар, а тој ѝ одговори: „Јас тебе повеќе“, на што Калиопи се пошегува: „Мене ме сакаш, а Сања ја посакуваш“.
Посебни зборови имаше и за Тони Зен, кого го нарече свој брат и човекот кој пред 18 години прв му подал рака и му помогнал на почетокот од кариерата. Нивната заедничка изведба беше една од најсилните во текот на вечерта.
Голема еуфорија предизвика и настапот на српскиот рапер Цоби, кој им вети на фановите дека наскоро ќе одржи свој концерт во Македонија. Публиката го довикуваше името на Цоби неколкупати пред да настапи. Со силен аплауз беше пречекан и бугарскиот рапер Криско, кој на македонски ѝ порача на публиката: „Ја сакам Македонија“, а потоа сите заедно ја испеаја „Македонско девојче“.
Во чест на Илинден, „Некст тајм“ ја изведоа својата преработка на „Ја излези Ѓурѓо“, а потоа и „Бисер балкански“ од Гоце Николовски, која ја пееше целиот стадион, а во изведбата им се придружи и Слаткар. Со Слаткаристика ја испеаја и „Океани“, што тој ја посвети на „нашите браќа и сестри кои не се во Македонија на Илинден“.
Во текот на концертот Слаткаристика неколкупати ја истакна поддршката што им ја дава на помладите музичари. По заедничката изведба на „ОК“, новиот дует со „Дупер“ ги повика сите да дојдат на нивниот концерт на 5 август во Античкиот театар во Охрид.„Ова е најдобриот македонски бенд“, рече Слаткар, а „Дупер“ го испеа хитот „Може може“.
За Христијан Настески – Пајак рече дека е омилен пејач на неговиот син, а охридскиот музичар беше поздравен со силен аплауз. По настапот на Тајзи, младите бараа уште, а истата атмосфера ја создадоа и „2Бона“.
Во „Госпоѓа Сара“ се појави и Тина Русева, струмичанката која живее во Германија и победи на натпреварот „Гласот на Европа“. Концертот го отвори рап-групата „Зи бомб“, а настап имаше и диџеј Че, Стефан, братот на Слаткаристика.
При крајот на концертот, Слаткаристика испрати порака што публиката ја поздрави со аплауз.„Луѓе мои, ова е голем ден. Верувајте во своите соништа и газете напред. Правете само добро и верувајте ми, соништата ќе ви се остварат.“
Потоа им се заблагодари и на организаторите, „Прагма продукција“, и рече дека се „мангупи“ што организираа концерт на Илинден со македонски музичар.
Еден од најемотивните сегменти беше посветен на Тоше Проески, Влатко Илиевски, „ДНК“ и Владо Јаневски.
На видеобимот се редеа нивни фотографии, а Слаткаристика, со насолзени очи, испеа дел од „Што и да е ќе помине“, песна од Владо Јаневски, кого го нарече свој омилен македонски поп-пејач. За Влатко Илиевски рече дека беше најубавиот пејач на нашата естрада, а за „ДНК“ рече дека никогаш нема да ги заборавиме.
Финалето беше резервирано за „Да полетам“. Илјадници запалени светла од мобилните телефони го претворија стадионот во ѕвездено небо, додека публиката во еден глас го пееше неговиот најголем хит.„Морам да си одам од сцената. Ако продолжиме, ќе заплачам“, рече Слаткар на крајот од концертот, кој долго ќе се памети.











Comments