ОВА МУЗИЧКА СОРАБОТКААндријана Јаневска и Климе Ковачески ја претставија „Никола“ – песна исполнета со болка, љубов и непребол
05.10.2026 Oktomvri Ponedelnik
Емотивната композиција посветена на љубовта, загубата и непреболот ја донесува Андријана Јаневска во поинакво вокално издание, според авторската визија на Климе Ковачески.
Македонската пејачка Андријана Јаневска и композиторот Климе Ковачески ја претставија „Никола“ – нова македонска лирска песна која носи длабока и искрена приказна за љубовта, загубата и споменот што продолжува да живее.
Во оваа композиција публиката има можност да ја слушне Јаневска во поинакво, особено емотивно издание. Нејзиниот препознатлив вокал, во кој се спојуваат сила, нежност и карактер, ја пренесува тежината на секој стих и ѝ дава посебна душа на песната.
„Никола“ зборува за радоста и надежта што ги носи очекувањето нов живот, но и за мигот во кој сонот ненадејно се претвора во неизлечлива рана. Во стиховите се чувствуваат мајчината болка, неодговорените прашања и љубовта кон оној што физички го нема, но останува длабоко вкоренет во срцето.
Климе Ковачески не крие дека станува збор за композиција која има посебно место во неговото творештво.
„Ова е една од песните што ми значат најмногу и навистина ми е драго што токму Андријана ја отпеа. Нејзиниот глас има ретка комбинација од сила, емоција и карактер – нешто што секоја фраза ја прави жива и вистинска. Во оваа песна Андријана внесе нешто свое и ѝ даде посебна душа“, вели Ковачески.
Наместо да ги следи актуелните комерцијални трендови, „Никола“ се потпира на силна лирска основа, внимателно изградена атмосфера и интерпретација која во преден план ја поставува емоцијата. Резултатот е музичка приказна која не завршува со последниот тон, туку продолжува да одѕвонува и по слушањето.
Со оваа соработка, Андријана Јаневска и Климе Ковачески донесуваат песна за непреболот, но и за љубовта што не исчезнува – тивко и искрено сеќавање на Никола.
Како звучи македонската лирска верзија на „Никола“, слушнете во продолжение:








Comments