„Ова е апсурдно“: Песната „Fat Bottomed Girls“ отстранета од новиот компилациски албум на „Квин“
Песната „Fat Bottomed Girls“ нема да биде дел од новата компилација со најголемите хитови на групата „Квин“, чиј таргет е помладата слушачка публика.
Овој музички сингл од 1978 година, која го опишува занесот по „девојките со дебел задник“, своевремено доживеа голем успех на топ-листите ширум светот и беше дел од повеќе компилации на „Квин“ во минатото.
Песната е еден од најголемите хитови на групата, заедно со песните„We Will Rock You“, „We Are the Champions“ и „Bohemian Rhapsody“, а се појави и на нивниот компилациски албум „Greatest Hits“ во 1981 година.
Од денешна гледна точка, многумина ја сметаат оваа песна за некоректна и поради тоа нема да биде дел од новиот компилациски албум на „Квин“, кој е достапен на Јото – аудио платформа специјално наменета за деца. Целта на објавувањето на албумот е новата генерација да се запознае со работата на легендарните рокери од седумдесеттите и осумдесеттите години на минатиот век.
Но, според други – одлуката да се тргне оваа песна од компилацијата е „пречувствителна“ и „апсурдна“.
„Ова е сосема нова ситуација во светот на музиката, никој не може да сфати зошто една таква добронамерна и забавна песна не е прифатлива во денешното опшстество. Зошто да не ги цениме луѓето во сите облици и големини, како што и самото општество ни налага, наместо да ги игнорираме? Ова е нечуено“, изјави еден музички професионалец за „Дејли мејл“. „Да се игнорира оваа песна е апсурдно. И, патем речено, бумеранг ефектот ќе резултира со поголем број луѓе кои ќе ја преземат таа песна, отколку што тоа би го направиле пред 40 години“, изјави колумнистот на „Фокс њуз“, Џо Конча.
Comments