Објавена поетската збирка „Вдлабнато минато“ од Трајче Донев
Деновиве како самостојно издание од печат излезе збирката поезија „Вдлабнато минато“ од Трајче Донев-Соколарец. Во збирката се објавени 30 песни инспирирани од животот на авторот. Својата рецензија кон збирката поетот Ефтим Клетников ја насловува „Во прегратка на лирското“, со што и ја оформува жанровската определба на песните на Донев.
Најновата збирка песни го слика подолгиот период од животот на авторот. Во моментот Донев ја подготвува збирката раскази со мотиви од учителските денови. Тој живее и твори во Скопје и сѐ уште соработува со повеќе културни институции. Како пензионер членува во здруженијата на пензионери во Скопје и организира културни прегледи и претстави.
– Во таа „рамка“ е сместена арс-поетиката на авторот: да му се предадеш спонтано и без отстапка на главниот и широк ритам на срцето и на неговите поетски возбуди, на чувствата што едноставно бликаат од него. Тоа е, всушност, поетиката на поривот за која говори и која ја претпочита и нашиот поетски бард Конески… Во манирот на таквиот поетички императив се напишани сите песни објавени во стихозбирката на Трајче Донев. Тие се поезија на еден благо романтизиран сентиментализам, како широко и безрезервно отворена слика на срцето, кое е основната фигура на чувствата на секоја личност – пишува Клетников.
Авторот Трајче Донев (1944) е роден во с. Соколарци, Кочанско. Завршил Учителска школа во Штип и Филозофски факултет во Скопје. Во текот на својот живот работел како учител и професор по македонски јазик и литература во гимназиите „Браќа Миладиновци“, „Орце Николов“ и „Кочо Рацин“. Бил директор во основното училиште „Ѓорче Петров“ во Скопје. Со литература се занимавал уште во ученичките години, пишувајќи проза, поезија и други состави. Своите пензионерски денови ги користи за да остави книжевна трага зад себе. В.Д.
Comentarios