Објавена монографија на Илија Велев во издание на „Матица Црногорска“
06.11.2024 Noemvri Sreda
Монографската студија „Христијанството во црногорскиот духовен и културно-историски идентитет“ во два тома на македонскиот поет, раскажувач и научен работник Илија Велев, се објави во издание на „Матица Црногорска“.
– Овој обемен проект претставува интердисциплинарно истражување за автохтоната генеза и етнографска еманципација на црногорскиот духовен и културно-историски идентитет. Истражувањето во историскиот континуитет го следи развојот на христијанството низ сите цивилизациски надградби и глобални процеси во епохите, почнувајќи од античкиот илиродуклијански субјективитет и завршува со црногорскиот национален колективитет на почетокот на 20 век. Изданието расветлува малку познати и непознати процеси и периоди, а истакнува неколку истражувачки одговори на досега нерешени прашања во црногористиката – објави „Матица Црногорска“.
Првиот том е поднасловен „Од појавата на христијанската религија, цивилизација и култура до падот на династијата Воислављевиќ во 1189 година“ и содржи шест поглавја објавени на 368 страници. Во вториот том со поднаслов „На раскрсницата на христијанскиот запад и исток од почетокот на 13 век до самракот на државата Црна Гора во 1920 година“, томот е 468 страници, заедно со пет поглавја.
Ова двотомно дело е пишувано во изминатите три години и е продолжение на темите поврзани со црногорскиот идентитет и култура на проф. д-р Илија Велев, по неговата прва книга „Македонија и Црна Гора – културно-историски и литературен контекст“ од 2021 година, во издание на „Матица Црногорска“ и Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).
Comentarios