top of page

Објавена книгата на Моника Илкова: „Книжевна мапа на Скопје“ е патување, трагање по градот како инсп

Објавена книгата на Моника Илкова: „Книжевна мапа на Скопје“ е патување, трагање по градот како инспирација„Сакав да ги соберам сите чувствувања, сите приказни, сите места, сите улици што веќе ги нема, сите спомени за градот и сета љубов за Скопје сместена меѓу страниците. Мапата сама се исцртуваше. Движејќи се по неа се обидов да го истражи феноменот на урбофилијата, градот и поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори. Особено сум среќна што оваа книга ќе ја има својата прва промоција токму на денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември“, вели Илкова

„Книжевна мапа на Скопје“ е наслов на книгата на авторката Моника Илкова во издание на Центарот за култура и културолошки студии, која пред читателите и македонската јавност ќе биде промовирана на 13 Ноември, денот на ослободување на Скопје. Исцртувајќи, односно испишувајќи книжевна мапа на Скопје и движејќи се по неа, Илкова успева да го истражи феноменот на урбофилијата, чувствувањето на градот во македонската книжевност. Во книгата се истражува поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори и покажува како перцепцијата и односот кон градот се менуваат во книжевните остварувања на автори од различни книжевни генерации чии книжевни ликови талкаат по улиците на Скопје.

“Книжевната визија на Скопје не е идентична со неговата географска мапа. Токму затоа, Моника Илкова се обидува да ја исцрта (испише) неговата книжевна мапа. И успева во тоа! Оваа книга е патување, трагање по феноменот Скопје како инспирација, како приказна, како лик. Правејќи суптилна споредба на концептот на градот и односот кон него кај автори од различни генерации, Илкова нè упатува кон размисла дека речиси кај сите автори постои доза носталгија за некое нивно Скопје. Ама со својот стил на пишување и истражување и со самата структура на книгата, и кај нас како читатели ја буди носталгијата за нашето Скопје. Ова е книга која му е потребна и на Скопје, затоа што преку книжевната и културолошка анализа го прикажува во различни периоди на неговиот развој за кои различни генерации имаат носталгија. Ама оваа книга, поради истражувачката темелност со која се одликува им е потребна и на македонската книжевна наука и на македонската културологија“, истакнува во својата рецензија универзитетската професорка и книжевна критичарка, Весна Мојсова-Чепишевска.

Самата авторка за својата книга вели: „Скопје е градот во кој се преселив поради студирање и десетина години подоцна стана адреса во мојата лична карта. Тоа е град со кој ме врзуваат премногу, главно, убави нешта и луѓе и го сакам како свој. Од тие причини, на Скопје му ја должам оваа книга. Моето Скопје уште од почетокот е поврзано со книжевноста, а оваа книга се занимава со книжевноста поврзана со Скопје“.

За неа, додава, инспирација беше целата литература во која различни автори на различен начин и во различни периоди од неговиот развој, го претставуваат своето чувствување на Скопје.


„Сакав да ги соберам сите чувствувања, сите приказни, сите места, сите улици што веќе ги нема, сите спомени за градот и сета љубов за Скопје сместена меѓу страниците. Мапата сама се исцртуваше. Движејќи се по неа се обидов да го истражам феноменот на урбофилијата, градот и поетиката на градот како еден од клучните аспекти во творештвото на одредени автори. Особено сум среќна што оваа книга ќе ја има својата прва промоција токму на денот на ослободувањето на Скопје, 13 Ноември“, вели Илкова.

Според уредникот на изданието, Иван Антоновски, пак, значајно е што во оваа книга, Илкова успешно ја истражува и новата македонска книжевна сцена кај која односот кон градот повторно се пројавува како една од доминантните творечки преокупации.

„Но и што притоа го препознава и го анализира и тонот на ангажираноста во дел од поновите книжевни остварувања. Следејќи ја хронологијата на книжевните дела поврзани со Скопје што ни ја овозможува Илкова, повторно се потврдува дека како што посочува и таа – Скопје во секој период од своето постоење бил најубав град, само тоа, речиси секогаш (барем во книжевноста), отпосле му е признато“, подвлекува Антоновски.

Славко Јаневски, Димитар Солев, Влада Урошевиќ, Гане Тодоровски, Данило Коцевски, Томислав Османли, Александар Прокопиев, Јадранка Владова, Јовица Ивановски, Оливера Ќорвезироска, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Владимир Јанковски, Жарко Кујунџиски, Петар Андоновски, Иван Шопов… Ова се само дел од авторите што пишувајќи урбана проза и урбана поезија, стануваат картографи на книжевната мапа на Скопје на Моника Илкова. Студијата се темели на повеќе теории од познати теоретичари, но и покрај тоа е напишана на начин што овозможува да биде интересна за поширокиот аудиториум.

„Книжевна мапа на Скопје“, од денеска ќе биде достапна за читателите и во книжарниците. (Д.Т.)





 
 
 

Komentar


bottom of page