top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Објавена библиографија на изданијата на „Матица македонска“ по повод 30 години дејност

По повод триесетгодишнината од основањето, Книгоиздателството „Матица македонска“ од Скопје, во соработка со Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“ објави библиографија на изданијата публикувани од август 1991 до октомври 2021 година.

Составувач и уредник на публикацијата е Стана Атанасовски, библиотекар-советник, а каталошката обработка ја направија вишите библиотекари: Габриела Крстевска, Катарина Марковска-Саздова и Елена Борисова Џимревска.

Како што соопштуваат од „Матица македонска“, издавачката куќа е основана на 24 август во 1991 годин во Скопје, и во континуитет ја афирмира македонската книга.

-Во текот на изминатите децении, оваа институција чиј основач и главен уредник е писателот Раде Силјан, реализира обемна и разновидна продукција од повеќе области и се етаблира во македонскиот културен простор како еден од водечките фактори во афирмирањето на македонското творештво. Колекцијата на публикувани изданија на „Матица македонска“ изнесува две илјади и шестотини наслови од сите области, печатени во над три милиони илјади примероци, стои во објавата.

Од богатиот спектар на книги, треба да се извојат изданијата за македонското културно наследство, посебно делата за македонските народни носии и везови, за македонскиот фолклор и народната митологија, како и монографските книги за македонските манастири и македонската резба, колор-изданијата за Охрид, Скопје, Преспа, Курбиново, Свети Наум, Света Софија, Старата скопска чаршија и др. Во рамките на едицијата Избрани дела, преку критички толкувања овој издавач објави повеќетомни изданија од творештвото на Марко Цепенков, Кирил Пенушлиски, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Божин Павловски, Луан Старова, Ташко Георгиевски, Никола Кљусев, Блаже Ристовски, Радован Павловски, Цветан Грозданов, Георги Старделов, Витомир Митевски, Раде Силјан, Танас Вражиновски, Димитар Ќорнаков, Благоја Иванов, Петар Т. Бошковски, Јован Павловски, Паскал Гилевски, Јован Стрезовски, Иван Чаповски, Блаже Миневски и др.

Со обемната и разновидна издавачка продукција „Матица македонска“ во изминатите години се етаблира како еден од водечките фактори не само во македонското издаваштво, туку и воопшто во културата, особено по отворањето на мултифункционалните книжевно-изложбени салони „Клуб Матица“ и „Матица ексклузив“, констатира Стана Атанасовска во предговорот кон изданието.


1 view

Comments


bottom of page