Објавен јавен повик за учество на „Бела ноќ“
29.07.2024 juli Ponedelnik
ЈУ Универзална сала – Скопје и Град Скопје објавуваат јавен повик за програмски активности за манифестацијата „Бела ноќ 2024“.
Оваа година ќе се одржи јубилејното 20-то издание на „Бела ноќ“ како препознатливо обележје на Град Скопје за активности од областа на културата на територијата на централното градско подрачје, каде што ќе се одбележат уметноста и креативниот потенцијал на градот преку настани што ќе ја заинтригираат јавноста.
За таа цел, ЈУ Универзална сала – Скопје и Град Скопје распишуват јавен повик за учесници што се заинтересирани да се пријават и да понудат иновативна програма со цел да се збогати културната понуда на градот Скопје.
Годинешното издание ќе се одржи на 5 октомври 2024 на повеќе централни локации во градот Скопје.
На конкурсот може да се пријават уметници што творат во следните области: визуелни уметности (ликовна уметност, фотографија, инсталација, видеоарт, стрип), применети уметности (архитектура, визуелен/индустриски/веб-дизајн, мода, дигитални креации, видеоарт и инсталации), музика, филм, театар, јавна уметност, урбани изведби и перформанси.
Селекцијата ќе биде направена од страна на жири-комисија врз основ на поднесените апликации, а водејќи се од критериумите: квалитет, иновација и оригиналност на идејата, презентирање и афирмирање на современото творештво, урбаната култура и јавната уметност во опсег на предложениот концепт.
Повеќе информации за јавниот повик може да најдете на www.univerzalna.mk/belanok. Крајниот рок за пријавување е 19.8.2024.
Comments