Објавен романот „Мрежа“ од исландската авторка Лилја Сигурдардотир
Романот „Мрежа“ од познатата исландска авторка Лилја Сигурдардотир излезе од печат во издание на „Бата прес“, во превод од англиски на Елена Маџоска-Шикоска. Во овој динамичен, напнат психолошки и крими-трилер се разоткрива делувањето на наркомафијата и организираниот криминал во меѓународни размери, како и на банкарските, индустриските олигарси и политичарите во Исланд, Данска, САД, Мексико, Франција. Сето ова се случува за време на големиот финансиски колапс во САД, Азија и Европа. После разводот, младата и привлечна мајка Соња, се обидува да го добие и да го задржи старателството над нејзиниот син Томас и мисли дека заминувајќи на Флорида, побегнала од сопругот. Синот на Соња е киднапиран од нејзиниот поранешен сопруг, а таа е принудена да се врати назад во шверцот на кокаин, но овој пат има сопствен план… Исландската крими-писателка Лилја Сигурдардотир е родена во градот Акранес во 1972 година. Пишува романи, драмски текстови и филмски сценарија. Романот „Мрежа“ е втор од новата серија крими новели и е на листите на бестселери во светот. Во оваа серија е и романот „Арсенал“, објавен во 2017 година. Правата за снимање филм според сценарио од овие два крими трилери беа откупени од Паломар пикчрс (Palomar Pictures) од Калифорнија. Авторката Лилја Сигурдардотир живее во Рејкјавик. Објавувањето на делото е помогнато од Исландскиот литературен центар. Ова е второ дело на македонски јазик од Сигурдардотир, по нејзиниот роман „Стапица“, кој исто така го објави „Бата прес“.
Comments