Нуркачи снимија интересно откритие во близината на потонатиот брод „Титаник“
Потонатиот брод „Титаник“ е поделен на два дела и се наоѓа на дното на Атлантски Океан, каде што полека тоне на длабочина од речиси 4.000 метри, но таму не е сам. Сонар го откри сигналот пред 26 години, а сега е откриено многу повеќе за оваа подводна област. Пол Хенри Наргелет, искусен подводен пилот и познат нуркач на експедиции поврзани со „Титаник“, првично го детектирал сигналот во 1996 година, но неговото потекло остана непознато.
Меѓутоа, за време на експедицијата до потонатиот брод „Титаник“ во почетокот на оваа година, Наргелет и уште четворица истражувачи отидоа на локацијата каде што беше откриен сигналот, верувајќи дека поради неговата големина ќе пронајдат уште една руина, но пронајдоа гребен направен од различни вулкански формации, кои беа полни со јастози, сунѓери, морски риби и неколку видови корали што би можеле да бидат стари илјадници години.
– Ова е биолошки фасцинантно. Животните што живеат таму значително се разликуваат од другите во бездниот океан. Наргелет направи навистина важна научна работа. Мислеше дека станува збор за бродолом, но откритието е уште пофасцинантно – изјави професорот Мареј Робертс од Универзитетот во Единбург, Шкотска.
Подводна или абисална рамнина е термин што се користи за опишување на океанското дно во водите длабоки меѓу 3.000 и 4.000 метри, кои сочинуваат 60 отсто од површината на Земјата. Претходно се веруваше дека станува збор за калливо морско дно без карактеристики и многу структура. Нуркачите во неколку наврати забележале карпести формации на рамнината. По откритието во близината на „Титаник“, Робертс сега верува дека таквите карактеристики можеби се почести отколку што се мислеше.
Карпестите области може да помогнат во објаснувањето на растојанијата што ги поминуваат сунѓерите и коралите на дното на океанот, што отсекогаш било мистерија за научниците. Во калливата средина, каде што вообичаено се набљудуваат, има малку цврсти површини на кои овие видови треба да се прилепуваат за да бидат можни нивниот раст и размножување.
– Понекогаш се појавуваат на места што нѐ изненадуваат. Тие не живеат доволно долго за да стигнат до тие места. Но ако има повеќе карпести места како ова отколку што верувавме претходно, мислам дека тоа ќе ни помогне да ја разбереме дистрибуцијата на овие видови во океанот – додаде Робертс.
Научниците сега ги анализираат фотографиите и снимките од гребенот и ќе ги споделат своите истражувања за да го унапредат колективното знаење на заедницата за животот во длабокото море.
Commentaires