Носат опрема по 20 килограми, снимаат ноќе, на 40 и на минус 20 степени
25.10.2021 Oktomvri Petok
Нашите филмски и ТВ-работници со слични проблеми како холивудските
Додека светската јавност и филмската индустрија сѐ уште се во шок од трагичниот инцидент што го потресе Холивуд кога актерот Алек Болдвин при снимање филм пукаше од оружје – реквизит и притоа уби камерманка и го рани режисерот, за што полицијата отвори истрага, интересно за анализа е и прашањето за условите во кои работат филмските и ТВ-работниците. Синдикатот што ги претставува холивудските филмски и сценски работници неодамна гласаше за одобрување штрајк, кој би можел да ги затвори речиси сите американски филмски и телевизиски продукциски куќи. Членовите на Меѓународната федерација на вработени во театар и на сцена (ИАТСЕ), која ги опфаќа камерманите, реквизити-мајстори, фризерите и други работници зад сцената, нагласуваат дека се принудени да работат до истоштеност, прекувремено, и велат дека не им е дозволена пауза за оброк. Членовите бараат подобри услови за работа, како и поправедни плаќања преку стриминг-услуги за да го покријат својот дел од работата. Повеќе од 50.000 работници во Холивуд, или огромно мнозинство од 98 проценти, гласаа за штрајк. Ако тој се случи, тоа ќе биде најголемиот прекин на работата на Холивуд по Втората светска војна.
Кај нас повеќето продукциски куќи можеби не се толку ангажирани за да работат прекувремено и до истоштеност, но имаат ниски примања и немаат синдикат што ќе ги застапува нивните права. Секако тука се и многуте ризици, часови поминати на терен во секакви услови, безбедност за која сами се грижат. Велат дека само пасијата кон професијата им го одржува ентузијазмот. Кинематограферот Фејми Даут, познат по работата на „Медена земја“, кој моментално ги прави завршните подготовки за нов игран филм во режија на Кастриот Абдули, вели дека итно треба да се формира синдикат што ќе ги застапува нивните права. – Во однос на темата за холивудските работници, ако земеме да се споредуваме, ние сме далеку во поголем хаос отколку тие. Зошто? Бидејки наназад 30-40 години како филмски работници или професионалци не можеме да се избориме за работнички права. Ни недостига синдикат што ќе стои зад нас како работници и ќе ги штити нашите интереси. А тоа се работни часови за време на снимање, авторски права, прекувремено работење, право на пауза и слично, како и обезбедена работа и хонорар – вели Даут. Што се однесува за нивната работа, вели дека зависи од тоа дали си автор или си дел од извршната екипа. – Како автор, работите почнуваат многу порано од самото снимање, а откако ќе започне снимањето сите сме во ист кош, нема веќе разлика дали си автор или техничка екипа. Тоа што гледам да го спроведам е коректно работно време. Поточно, заедно со првиот асистент на режија правиме планот на снимање да биде задоволителен за цела екипа. Најбитно ми е екипата да не се чувствува изнемоштена или преморена, бидејќи снимаме во исклучително тешки услови, особено во зимскиот период, како и од попладневните до раните утрински часови – вели Даут.
Еден негов ден на снимање е многу пошаренолик од оној на повеќето негови колеги. – При процесот на снимање филм, максимум шест часа од работното време си позитивно корисен, преостанатите неколку часа се само физичко извршување на работите. А кога се работи за ноќни снимања, тогаш тоа станува кошмар, треба да се преживее и издржи ноќта. Лани имавме такво снимање, каде што на многу ниски температури снимавме под вештачки дожд и покрај река на отворено. Студот ни навлезе до коски, а кал имаше до коленици. И уште полошо од сето ова, е што актерката требаше да лежи на земја, да ја врне дожд, притоа облечена во малку облека. Моравме да правиве подолги паузи за да може таа да се подготви за повторно снимање. И концентрацијата во ноќните часови е многу помала отколку при дневните снимања, да не зборуваме за безбедноста на екипата. Се случувало на доста проекти, по напорно снимање да седнам во автомобил и да не знам кај треба да возам или да не сум во состојба да извозам до дома – истакнува Даут. Сашо Стојановски, моментално снимател во Телма, веќе 29 години е камерман во студио. – Имам работено на многу проекти од секаков карактер, а ентузијазмот сѐ уште ме држи. Работното време зависи од тоа дали се емисии и тоа не повеќе од две до три емисии во просек од 40 минути до 70 минути. Ако е спортски настан времето е колку што трае натпреварот, од 70 до 90 минути. Ако е концерт е исто, од 120 до 150 минути. Најдолги се играните проекти каде што се менуваат сцени, позиции, актери, светло. Се работи и по 12-16 часа, но со паузи, одмори за кафе, оброци за целата екипа. Можеби изгледа долго, но не е толку страшно. Никогаш не би се откажал од оваа професија и сѐ уште ја работам ентузијастички и со задоволство. Можеби не е најплатената професија кај нас, но е дефинитивно највозбудлива – вели Стојановски. Владимир Стојановски, кој, пак, е снимател во Сител, вели дека професијата не е доволно платена и лесна, но сепак е динамична и интересна.
– Секој работен ден ни е различен, се среќаваме со многу луѓе и приказни, и позитивни и негативни. Кога снимаме некој спортски успех, се радуваме, кога има некоја трагедија, сочувствуваме, кога има протести најчесто сме цел на напади, вербални и физички. Кога беа пожарите летово, се најдовме среде пожар каде што се изнадувавме чад, имав и последици, главоболка и гадење. Кога беа нападите во Париз на „Шарли ебдо“, ги гледав на „Си-ен-ен“ дома кога ми се јавија од работа и ми рекоа дека мора најбрзо да се спакувам, да земам опрема и да летам за Париз. Истиот ден се најдов среде терористичките напади. Ја имаме таа привилегија да одиме на места каде што не може секој да оди и наша задача е преку објективот на камерата да ја пренесеме приказната за да може гледачот колку што може повеќе да ја доживее приказната – раскажува Владимир. Додава дека за да се проследи настан како телевизиска екипа е сложен процес. – Снимателот носи камера, статив, микрофон, светло, батерии, опрема што тежи до 20 килограми и оди на снимање. Најчесто во надворешни услови, некогаш на 40, некогаш на минус 20 степени, секако и на дожд, само за да се слушнат проблемите и приказните на граѓаните и да стигнат таму кај што треба – додава тој.
댓글