Ноемвриската програма на Кинотека во знакот на македонските остварувања
Публиката во различни термини ќе има можност месецов да погледне повеќе филмски дела на македонски автори. Во рамки на програмата, во ноември, ќе можат да се видат „Вера сонува за морето“, „Снежана на крајот умира“, „ПС Бусан“, „Rebirth: Voice Of Silence“ (Гласот на тишината)…
Месец ноември во Кинотеката ќе биде означен со филмови на повеќе македонски автори. „Свежината на кинематографијата секогаш ја одржуваат новите автори кои внесуваат нов ритам во продуцирањето на филмски приказни, релевантни за младата публика, па така во кинотечното кино овој ноември, публиката ќе има можност да погледне две филмски дела на македонските автори Илија Павлов и Филип Лафазановски. Ако филмот ‘Rebirth: Voice Of Silence’ (Гласот на тишината) на Павлов е дело кое одлично го држи вниманието со 82-минутната приказна, тогаш краткиот филмски израз на Лафазановски во ‘Под мостот’ може да се карактеризира како солиден краток филм за вечните теми“, велат од Кинотеката. Двата филма публиката ќе може да ги види на 19 и 30 ноември.
„Вера сонува за морето“
Овој ноември на програмата на Кинотека е и дебитантскиот игран филм „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи, кој забележа значителен успех на фестивалите во регионов. Филмот на Красниќи беше дел од програмите и на повеќе светски фестивали на кои освои и неколку награди, а својата премиера ја имаше на Интернационалниот филмски фестивал во Венеција. Како дел од програмата месецов во Кинотеката ќе се прикаже и македонско-кипарскиот филм „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески. Филмот својата домашната премиера ја имаше на 43. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, со кој фестивалот беше официјално затворен. Овие филмови ќе можат да се погледнат на 17, 18, 21, 22 и 23 ноември. Во рамките на ноемвриската филмска програма е и краткиот филм „Баскет“ на Димитар Банов (28 и 29 ноември). Во овие два дена се сместени и проекциите на последниот краток филм на Саша Станишиќ – „ПС Бусан“ што сосема солидно се надоврзува на неговите претходни дела. „ПС Бусан“ нуди негов поглед кон мегаметрополата Бусан наспроти традиционалните вредности на богатата култура на Јужна Кореја.
„Кинотеката отсекогаш била место што нуди уникатна филмска програма, алтернативна на холивудските блокбастери и хитовите од стриминг-платформите. Тука, во нашата киносала, македонската публика на големо платно може да погледне арт-хаус филмови од различни кинематографии, како и филмски наслови од домашната филмска продукција. Секако, нашата главна мотивација за создавањето на филмската програма е да се состави програма што ќе нуди нови и разновидни филмски изданија, со кои би се задржало вниманието на нашата редовна публика, но и да се допре до нова и помлада публика“, посочуваат од Кинотеката.
Од богатата европска кинематографија, овој ноември, македонската публика ќе може да ги погледнете и филмските наслови „Човек по твоја мерка“ (2021), „Приказната на мојата жена“ (2021) и „Островот на Бергман“ (2021). Германскиот научно-фантастичен филм „Човек по твоја мерка“ (30 ноември) во режија на Марија Шрејдер, нуди приказна која го актуализира вечното прашање за вистинската љубов и идеалниот партнер. За одличната глума во овој филм актерката Марен Егерт ја освои „Сребрената мечка“ за најдобра женска улога на „Берлинале 2021“. „Приказната на мојата жена“ (29 ноември), пак, на Илдико Ењеди (режисерката на филмот „Тело и душа“ со кој ја освои „Златната мечка“ на Берлинале во 2017) низ интересна љубовна приказна раскажува за несигурноста и љубомората која произлегува од неа. На 28 ноември, ќе може да се погледне и „Островот на Бергман“ на Миа Хансен-Лов, бидејќи филмот на интересен начин го користи името и значењето на Ингмар Бергман и неговиот остров Форе за да се претстават неискажаните пукнатини во меѓусебната комуникација на брачните партнери, Крис и Тони.
Македонската публика на самиот крај на ноември (од 24 до 26) ќе може да го посети и Анимакс, меѓународниот фестивал за анимиран филм, што оваа година ќе го има своето 13. издание.
Comments