Новогодишниот концерт на Виенската филхармонија годинава под маски
Откако минатата година помина без публика, новогодишниот концерт на Виенската филхармонија годинава ќе се одржи во присуство на љубители на музиката, но и со заострени ковид-мерки.
Новогодишниот концерт во 2022 година ќе се одржи, како што е одлучено, со мал број на публика, максимум до 1.000 лица, пишуваат медиумите во регионот.
Виенската филхармонија објави дека оние кои сакаат да присуствуваат мора да бидат вакцинирани или излечени од Ковид-19 и мора да имаат негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа. Исто така, за време на концертот, кој директно се пренесува на сите континенти на светот, тие ќе мора да носат маска ФФП2.
Сите кои успеале да купат билети за новогодишниот концерт, а не можат да присуствуваат поради ограничениот број на публика, станува збор за околу 700 луѓе, ќе можат да присуствуваат следната година. Ова правило ќе важи и за следните два традиционални концерта кои ќе се одржат на 30 и 31 декември.
– Иако епидемиолошки мерки претставуваат посебен предизвик и бараат висок степен на разбирање и адаптација, драго ни е што новогодишниот концерт на овој начин може да се одржи заедно со јавноста. За сите оние кои поради намалениот број седишта нема да можат да го следат концертот во живо, ќе биде резервирано место за концертот следната година – соопштија од Виенската филхармонија.
Kommentarer