top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Новиот филм на Столевски влезе во официјалната селекција на Санденс

Хорор филмот „You won’t be alone“ (Нема да бидеш сама), новото остварување на Горан Столевски влезе во официјалната селекција на Филмскиот фестивал „Санденс“ за 2022 година којшто ќе се одржи од 20 до 30 јануари. Филмот, којшто е во австралиска продукција, премиерно ќе се прикаже во рамки на фестивалот во неколку термини од 23 до 28 јануари.

Станува збор за натприроден хорор сместен во изолирано македонско планинско село, а приказната што се одвива во 19 век прикажува девојче кое е украдено од својата мајка и претворено во вештерка.

Шведската актерка Нуми Рапејс (Noomi Rapace) позната по филмовите „Девојката со тетоважа на змеј“ и „Прометеј“ ја толкува главната улога во филмот, а во него се појавуваат и македонските актерки Сара Климоска, Ирена Ристиќ и Верица Недеска.

Инаку, ова е дебитантски долгометражен филм на македонскиот режисер кој живее и работи во Австралија и со него Столевски по вторпат влезе во номинациите на престижниот Санденс фестивал.

За првпат на Санденс, кој е основан од познатиот актер Роберт Редфорд и се одржува во Јута, САД, Столевски се претстави со македонскиот краткометражен филм „Види ја ти неа“ кој во 2018 година победи во категоријата најдобар интернационален филм за кратки филмови.


1 view

Comments


bottom of page