top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Новиот „Топ ган“ го зазеде местото на „Титаник“ на листата со најуспешни филмови на сите времиња

Блокбастерот на Том Круз, „Топ ган: Маверик“, ги собори сите рекорди, а сега му одзеде важна титула на еден од најпопуларните филмови на сите времиња, „Титаник“. Продолжението на популарниот филм од 1986 година, предводено од Том Круз, излезе во мај годинава. Покрај тоа што беше прогласен за најуспешен филм за 2022 година и најуспешен филм во кариерата на Круз, новиот „Топ ган“ заработи 662 милиона долари во Северна Америка престигнувајќи го „Титаник“ со заработка од 659 милиони долари, пренесува „Вараети“. Со вкупна заработка од киноблагајните од премиерното прикажување до минатиот викенд, новиот „Топ ган“ го зазеде седмото место на листата на филмови со најголема заработка на домашните киноблагајни на сите времиња одземајќи му ја престижната титула на „Титаник“. Долгоочекуваното продолжение на филмот доби пофалби од критичарите и покрај забелешките дека не е во допир со реалноста: „Топ Ган: Маверик е сè што критичарите велат дека е – забавен, возбудлив, ода што ја слави индивидуалната храброст и неколку сцени се навистина прекрасни. Но, и покрај тврдењта за реализам (актерите летаат во вистински авиони), филмот дава прилично нереалистична слика“, пишува slate.com. Иако новиот блокбастер незапирливо се искачува на американските топ-листи, трката сè уште не е завршена. Имено, на глобално ниво „Топ ган: Маверик“ досега има заработено 1,3 милијарда долари, а вкупната заработка на „Титаник“ во светски рамки е 2,2 милијарди долари.




1 view

Comments


bottom of page