top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Новиот спектакл на Пројковски, „Инферно“, во јули на сцената на Велешкиот театар

По бројните награди за „Ана Каренина“, атрактивните „Ричард Трети“ и „Кротењето на фуријата“, претстава која завчеравечер ја одушеви публиката во рамките на „Бит-фест“, Пројковски веќе подготвува нов театарски спектакл, „Инферно“, и тоа на сцената на Велешкиот театар. – Се работи за голема продукција во која ракописот на Пројковски треба да блесне во полн сјај – истакнува за весникот ВЕЧЕР Сашо Димоски, в.д. директор на Велешкиот театар

Најпродуктивниот македонски режисер, Дејан Пројковски, чии спектакуларни претстави доживуваат огромен успех не само на балканскиот простор туку и пошироко – не мирува. По бројните награди за „Ана Каренина“, атрактивните „Ричард Трети“ и „Кротењето на фуријата“, претстава која завчеравечер ја одушеви публиката во рамките на „Бит-фест“, Пројковски веќе подготвува нов театарски проект, и тоа на сцената на Велешкиот театар. Се работи за уште еден спектакл – „Инферно“, чија премиера, според најавите на надлежните, македонската публика ќе има можност да ја види во јули, на сцената на Велешкиот театар, каде што веќе течат подготовките.

– Планот за премиерата на оваа претстава е за крајот на јули. Станува збор за една навистина голема продукција и подготовките течат интензивно, а се работи веќе еден месец. Тоа е едно ново читање на „Пеколот“ од Данте Алигиери во сценска форма која го напушта сондажниот канон на драмскиот театар и навлегува во она што теоријата го ставила во рамка на постдрамските театарски форми. Претставата, во најголем дел од својот материјал, зборува со јазикот на телото, додека вербусот во сето тоа е второстепен. Дантевиот изворник (чии метафори зборуваат за слоевите на распадот на европската цивилизација), односно појдовната точка во сето ова е секундарен материјал во градењето на драмското сценско дејствие – вели за весникот ВЕЧЕР Сашо Димоски, в.д. директор на националниот театар „Јордан Х.К.-Џинот“ во Велес.

Тој додава дека карактеристичниот ракопис, односно поетиката на Дејан Пројковски, ќе биде присутен и во оваа претстава во својата полна манифестација. Пројковски често во своите претходни претстави користеше елементи како вода, земја, оган, но имаше и птици и коњи на сцената.

– Се очекува и се работи на голема продукција во која ракописот на Пројковски треба да блесне во полн сјај – додаде Димоски.

Во претставата ќе глуми речиси целиот ансамбл на Велешкиот театар: Васил Зафирчев, Исидор Јовановски, Кети Борисовска, Зорица П. Панчиќ, Маја Љутков, Славица Манаскова, Благојчо Стојанов, Жарко Спасовски, Фаик Мефаилоски, Симона Димковска, Марија Баркова, Кристијан Саздовски…

Во авторскиот тим на претставата учествуваат и Олга Панго како кореограф, Валентин Светозарев како сценограф, Раде Василев како костимограф, Горан Трајкоски како автор на музиката за претставата, а асистентка на режисерот е Марија Петреска.

Инаку, неговите режии во Новосадскиот театар („Ана Каренина“ и „Ричард Трети“), во Театарот во Бања Лука („Дервишот и смртта“), во Софија („Браќа Карамазови“), во Сплит („Орестија“), во Истанбул („Ромео и Јулија“), Санк Петербург („Опасни врски“), Подгорица (ЦНП, „Бура“) се закитени со најзначајните награди во регионот.

Претставата „Ана Каренина“ (2019), пак, е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадското позориште, со вкупно 23 награди на сите фестивали во регионот. Оваа претстава, освен што собира награди, ги урива и сите рекорди на гледаност. Во текот на јуни, на сцената во Будимпешта, од воодушевената публика беше наградена со долготраен аплауз и овации, а актерите и екипата кои работеа на претставата, пет пати беа вратени на бис. (Д.Т.)





0 views

Comentários


bottom of page