Нови Сад стана Европска престолнина на културата во 2022
14.01.2022 Januari Petok
Нови Сад синоќа на свечена церемонија во Српскиот народен театар ја доби титулата Европска престолнина на културата, како прв град на кој тоа му успеало пред земјите кандидати за Европската унија, јави допсиникот на МИА од Белград.
Вицепремиерката на Република Србија и министерка за култура и информирање Маја Гојковиќ во Српскиот народен театар (СНП), на свеченото отворање на манифестацијата Европска престолнина на културата Нови Сад 2022 година, истакна дека покрај престижот што го носи, оваа титула е инспиративно признание и можност за секој град што ја носи.
Гојковиќ истакна дека ова е исклучителен ден за градот Нови Сад, цела Србија и особено за луѓето кои работат во културата и живеат за неа.
-Ова отсекогаш била средина која ги симболизира вредностите на кои почива европскиот културен простор и место каде мултикултурализмот опстојувал со векови. Во Нови Сад разликите никогаш не биле причина за поделба, туку мостови кои поврзуваат и обединуваат. Културата на овој град е како богат мозаик од делови, кои самите блескаат, но далеку посилни и посветли кога се заедно, истакна Гојкович.
Во СНП во оваа прилика беше претставена традицијата на Нови Сад и Војводина во светлината на европските вредности кои проникнуваат во целата програма на овој град како Европска престолнина на културата преку вкупно осум, тематски ориентирани програмски целини. Гледачите можеа да проследат музичко-танцов спектакл во кој учествуваа еминентни претставници на новосадската и војводинската културна сцена, вклучително и Балетот и операта на Српскиот народен театар, Арадачки мешкарки, ансамблот за перкусии „дРумбле“, Тамбурашкиот оркестар „Велос“, Александар Бахун на пијано, Тодор Урсу на кимбал и други.
На свеченото отворање на настанот, кој беше прогласен за културен проект од национално значење, се обратија и премиерката на Република Србија, Ана Брнабиќ и онлајн еврокомесарката за иновации, истражување, култура, образование и млади, Марија Габриел.
Европската престолнина на културата е обележана со слоганот „За нови мостови“, кој ја претставува идејата за изградба на нови мостови на соработка и размена меѓу уметниците и организациите од Нови Сад и Србија со европската културна сцена, а во оваа титуларна година се очекуваат околу 4.000 настани и 400 проекти.
Comments