Новата технологија во Формула 1 ја „убива“ возачката магија
- Aleksandar Santovski
- Mar 26
- 1 min read
25.03.2026 Mart Sreda
Технолошките промени во Формула 1 сериозно го менуваат начинот на возење, а новиот софтвер за управување со енергијата сè повеќе ја презема контролата врз перформансите на болидите.
Наместо агресивен пристап и ризик, возачите сега се принудени да возат попрецизно, бидејќи секое отстапување од „идеалниот круг“ може да резултира со загуба на време. Софтверот автоматски одлучува кога да се полни батеријата и кога да се користи електричната енергија, врз основа на претходните кругови. Шарл Леклер отворено посочи дека ваквиот систем ги казнува храбрите потези.„Чувствувам дека една од моите силни страни во минатото беше преземањето огромни ризици во последната фаза од квалификациите за да добијам на време. Сега, кога го правите тоа, го збунувате софтверот и почнувате да губите повеќе отколку што добивате. Роботските потези се поисплатливи“, прокоментира Леклер.
Сличен принцип веќе постои во Формула Е, каде управувањето со енергијата е клучен фактор во трките. Но, во Формула 1 системот работи на ниво на еден круг, што дополнително го ограничува просторот за креативност кај возачите.
Практично, ако возачот притисне посилно во кривина или порано даде гас, троши повеќе енергија и го нарушува балансот за остатокот од кругот. Од друга страна, дури и мала грешка може да резултира со заштеда на енергија, која потоа системот ја користи на правците, понекогаш носејќи и подобро време. Со ваквиот развој, сè поголема е дилемата дали технологијата ја убива уметноста на возењето, а од ФИА ќе зависи дали ќе интервенира и ќе постави ограничувања на ваквите системи.






Comments