top of page

Новата сезона на „Бриџертон“ доаѓа в петок

Милиони фанови го чекаат петок, 25 март, за да го гледаат продолжението на „Бриџертон“, една од најпопуларните серии на „Нетфликс“ на сите времиња. Оваа историска драма од риџенси-ерата, која ги собори сите рекорди на гледаност во првата сезона, беше прогласена за најжешка серија на стримерот поради експлицитните сцени. Главниот актер Реџе Жан Пејџ ги освои срцата на илјадници жени, но тој нема да се врати во улогата на војводата од Хејстингс во оваа сезона, на која, најверојатно, ќе ѝ недостига еротика. Оние што очекуваат жешки сцени и голотија би можеле да бидат разочарани, велат професионалните критичари во рецензиите што веќе ги објавија некои медиуми. Иако во срцето на серијата е љубовна приказна, овој пат помеѓу Ентони Бриџертон (Џонатан Бејли) и Кејт Шарма (Симон Ешли), таа е бавна и напната наспроти фаталната привлечност и хемија помеѓу војводата од Хејстингс и Дафне. Првата сезона докажа дека кога станува збор за сексуални монтажи, Шонда Рајмс знае како да го направи тоа. Во една од најкоментираните сцени, со оркестарска верзија на Wildest Dreams на Тејлор Свифт во заднина, Сајмон и Дафне си ги истражуваа телата на меден месец дома. Всушност, ваквите сцени донесоа висока гледаност. Но, критичарите го делат мислењето дека и продолжението има многу што да понуди. Тие главно ја оценија серијата со четири ѕвезди фалејќи ги добредојдената несериозност и гламурот во мрачните времиња. Дејството на серијата е сместено во Лондон од 19 век. Продуцент е Шонда Рајмс, зад која стојат голем број успешни серии, меѓу кои и „Вовед во анатомија“. Втората сезона ја следи втората книга во книжевниот серијал „Бриџертон“ на Џулија Квин, со наслов „Виконтот што ме сакаше“ (The Viscount Who Loved Me).




 
 
 

Comments


bottom of page