Нова студија во Англија за деменцијата во фудбалот
Во Англија во тек се нови истражувања за начините како да се намали ризикот од деменција кај поранешните фудбалери. Студијата ќе ја води д-р Вили Стјуарт, на чие претходно истражување, наречено „Филд“, ќе се надоврзе новата четиригодишна студија „Брејнхоуп“, што ќе чини 1,3 милион фунти (1,6 милион евра), пишува „Би-би-си“. Во студијата, која е финансирана од Фудбалската асоцијација на Англија (ФА) и од Светската фудбалска федерација (ФИФА), ќе бидат опфатени 120 поранешни професионални фудбалери на возраст од 40 до 59 години.
– Ова е многу важна студија, бидејќи нашите досегашни наоди покажуваат дека постои причина да се грижиме за здравјето на мозокот кај поранешните фудбалери. „Брејнхоуп“ е дизајниран да ги идентификува тестовите со кои можат рано да се откријат проблемите и, уште поважно, начините како да се намали ризикот од деменција кај поранешните фудбалери – изјави Стјуарт, консултант невропатолог на Универзитетот во Глазгов.
Студијата ќе користи слики од мозокот и тестови за да ја спореди состојбата на мозокот кај поранешните фудбалери со 700 контролни субјекти од општата популација. Исто така, ќе се разгледува и дали некои разлики кај мозокот влијаат при утврдувањето на познатите фактори на ризик од деменција. Студијата „Филд“ почна по тврдењата дека поранешниот напаѓач на ВБА, Џеф Астл, починал поради постојана траума на главата. Според најновите упатства издадени минатиот јули, професионалните фудбалери во Англија треба да бидат ограничени на десет „удари на топка со глава со поголема сила“ неделно на тренинзите од сезоната 2021/2022. Претходно годинава, Асоцијацијата на професионални фудбалери формира посебен оддел за нега на поранешни играчи што имаат проблеми со невродегенеративни болести (НДБ).
Comments