Нова приказна за Бетмен ќе дебитира на „Спотифај“ во мај, на 9 јазици
Оригинална сторија за Бетмен, алтерегото на Брус Вејн, следниот месец ќе дебитира низ светот како поткаст серија на стриминг-платформата „Спотифај“. Поткаст-серијалот започнува во мај со локални адаптации во девет земји, вклучувајќи ги Индија, Бразил и Јапонија, соопшти компанијата во вторникот. Серијалот го следи филмот за човекот лилјак, кој почна да се прикажува во киносалите во март и заработи речиси 712 милиони долари од продажба на билети на глобално ниво. Batman Unburied е прв проект развиен преку повеќегодишен договор помеѓу „Спотифај технолоџи СА“ и „Ворнер Брос“ за да ги донесе суперхероите на „Ди-си комикс“ во наративни поткасти. Шведската компанија „Спотифај“, најголемата стриминг-платформа за музика во светот, го засили својот бизнис со поткасти и сега нуди повеќе од 3,2 милиони наслови на поткасти. Опишана како психолошки трилер, Batman Unburied („Бетмен непогребан“) е оригинална приказна која започнува со тоа што Вејн работи како форензички патолог кој ги испитува жртвите на сериски убиец. Продукцијата на англиски јазик ќе има глобална премиера на 3 мај, како и локализираните верзии во Бразил, Франција, Германија, Индија, Индонезија, Италија, Јапонија и Мексико.
Comments