top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нова поетска збирка „Сонцестој“ на Катерина Гогова: Најдолгата ноќ и најдолгиот ден се само фрагмент

01.11.2021 Noemvri Ponedelnik

„Сонцестој“ е третата поетска книга на Гогова, составена од 52 песни, поделени во два циклуси. Првиот циклус насловен „Темницата стои на другата страна: најдолгата ноќ“ содржи 28 песни, а во вториот „Најдолгиот ден: копнеж за полноќно сонце“ се подредени 24 песни. „Збирката се отвора со песната ‘Љубов’ која е еден вид неутрална територија од мотивите кои преовладуваат во песните но, темнината сепак е проткаена и низ нејзините стихови. Таа е еден вид медитативна подготовка за приказната која ја раскажува поезијата низ двата циклуси“, вели за весникот ВЕЧЕР авторката Катерина Гогова.

„Сонцето како појдовна, но и централна тема во оваа книга е всушност инструмент со кој се мери течението на времето. Дуалната природа на сонцето и спрегата на спротивставени енергии што во себе ги носи се две страни на една паричка, денот и ноќта, зората и залезот, животот и смртта, црното и белото, јин и јанг“, ќе посочи Снежана Стојчевска за најновата поетска книга на Катерина Гогова -„Сонцестој“ која неодмна излезе од печат во издание на Книгоиздателството „Ми-Ан“ од Скопје.

„Сонцестој“ е третата поетска книга на Гогова, која е составена од 52 песни, поделени во два циклуси. Првиот циклус насловен „Темницата стои на другата страна: најдолгата ноќ“ содржи 28 песни, а во вториот циклус насловен „Најдолгиот ден: копнеж за полноќно сонце“ се подредени 24 песни.

„Збирката се отвора со песната ‘Љубов’ која е еден вид неутрална територија од мотивите кои преовладуваат во песните но, темнината сепак е проткаена и низ нејзините стихови. Таа е еден вид медитативна подготовка за приказната која ја раскажува поезијата низ двата циклуси“, вели за весникот ВЕЧЕР авторката Катерина Гогова.

Додава дека самиот наслов на збирката укажува дека сонцестој е синоним за астрономска појава која е дефинирана од однесувањето на сонцето дури Земјата се врти околу него и нејзината замислена оска. „Па така постојат зимскиот сонцестој или најдолгата ноќ во годината и летниот сонцестој односно најдолгиот ден во годината. Многу лесно и дури природно песните сами се наредија во овие два посебни циклуси, во првиот каде што темницата стои на другата страна, насловот е речиси предупредување, читателот треба смело да ја прегрне ноќта која покрај тоа што е најдолга ќе му открие вистини на кои не е лесно да им се погледне во очи но, само тогаш доаѓа вистинската катарза. Вториот циклус е асоциран со најдолгиот ден ама ниту тој не е целосно светол дури и на оние места во светот каде што на полноќ може да се забележи сонцето на небото. Овде копнежот за полноќното сонце им ја наклонува добрината на боговите на љубовниците, на исток се раѓа песна, а сонот уште тивко спие“, појаснува авторката.

За неа, најдолгата ноќ и најдолгиот ден се само фрагмент од патувањето… „Како што се пее во последната песна од збирката ‘Деноноќие’ – овој чудесен свет ќе сврти уште еден круг околу сонцето, а пак тоа, како најмил и таен гостин на изгревот сепак носи надеж“, додава Гогова.

Таа пишува поезија и кратка проза. Нејзината дебитантска поетска збирка од 2018 година носи наслов „Актите се кастрирани“, а „Пад во немирна вода“ е нејзината втора поетска книга и со неа станува десеттиот носител на признанието „Бели мугри“ за 2018 година кое го доделува Дом на културата “Кочо Рацин“ во Скопје. Нејзината поезија е преведена на српски, хрватски, словенечки, бугарски, албански, италијански, германски и англиски.

За третата стихозбирка на Гогова, „Сонцестој“, рецензентката Стојчевска, ќе посочи дека претставува исклучителен поетски ракопис насловен со уникатен наслов. „Ако првата книга ‘Актите се кастрирани’ е олицетворение на огнот, а втората книга ‘Пад во немирна вода’ олицетворение на водата, тогаш ‘Сонцестој’ е воздух, небо на кое сонцето изгрева и заоѓа. Веднаш може да се насети сензибилитетот на нејзината поезија, лирична, нежна, медитативна, во исконски склад со природата, длабока, искрена и свежа. Нејзините стихови се во склад со природата, промената на годишните времиња и природните елементи“, истакнува Стојчевска посочувајќи дека Гогова со оваа книга докажува дека е веќе зрел, изграден и препознатлив поетски глас.

„Континуитетот на нејзиниот поетски израз доживува градација и се развива во нагорна линија на квалитет и мајсторлук на поетскиот занает, што го прави читањето на нејзините книги вистинско поетско уживање“, ќе додаде Стојчевска. (Н.И.Т.)



1 view

Comentarios


bottom of page