top of page

„Хартии“ – jубилејна изложба на Сергеј Андреевски во Музејот на македонската борба

Updated: May 12, 2022

“Хартии“ е наслов на јубилејната изложба на македонскиот ликовен уметник Сергеј Андреевски, која в четврток (12 мај), во 20 часот, свечено ќе биде отворена во фоајето на Музејот на македонската борба за самостојност. Изложбата претставува ретроспектива на истражувањата на авторот врз различни видови хартија со различни материјали, во изминативе 35 години.

Публиката ќе може да види дела од различни фази и тематски циклуси, почнувајќи од дела создадени уште во раните студентски денови (од 1983 г.), па сè до последните патувања на Сергеј низ светот. На оваа изложба ќе бидат претставени творби на хартија од римската фаза (слики, скици и цртежи создадени за време на студискиот престој на Андреевски во Рим, Италија, веднаш по завршувањето на ФЛУ во Скопје), нирнбершката фаза (слики, цртежи и скици од студискиот престој во Нирнберг, Германија), цртежи од Франција (од престојот и поддршката на азилот за диви животни „Le Refuge de l’Arche” и престоите во „Cite Internationalle des arts”), цртежи од Јапонија (сликани на традиционална рачно изработена хартија, главно од прочуената семејна работилница Iwano), слики и цртежи од Америка, Тунис, Египет…

На изложбата ќе бидат претставени и дела од циклусот „Кучињата лаат”, кој премиерно беше изложен во Москва, во 2015 година и дела од циклусот „Цвеќулиња”, кои за првпат беа изложени во Берлин, во 2012 година. Во поставката ќе се најдат и скици и цртежи од мал формат што ги има правено Андреевски буквално за време на патувањата: во авион, автобус, на брод…

Најголемиот дел од сликите, цртежите и скиците се прошетани на неколку континенти, но никогаш досега не биле изложени пред македонската јавност. Куратор на изложбата, која ќе биде отворена до 12 јуни, е д-р Кирил Пенушлиски. Проектот е поддржан од македонското Министерство за култура и Музејот на македонската борба за самостојност – Скопје.



 
 
 

Comments


bottom of page