top of page

Нова награда за „Кајмак“ на Манчевски, следува американската премиера

Со нова награда продолжува успешниот пат на „Кајмак“, најновиот филм на нашиот најтрофеен режисер, Милчо Манчевски. За улогата на Доста во „Кајмак“, Сара Климоска е прогласена за најдобра актерка во главната натпреварувачка програма на Филмскиот фестивал во Сомбор, Србија. Овој млад фестивал своето петто издание годинава го одржа со мотото „За оние што доаѓаат“. Србија е една од земјите во која „Кајмак“ беше и на редовниот кинорепертоар. „Сара е глумец од светски калибар, талент што се раѓа еднаш во генерација“, изјави Манчевски за Климоска. Набргу „Кајмак“ ја очекува и американската премиера, на 33-тото издание на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија од 15 до 30 август. „Синеквест“ е еден од најголемите и најреномирани независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силициумската Долина, седиште на најголемите технолошки гиганти („Фејсбук“, „Епл“, „Твитер“, „Нетликс“, „Зум“, „Линкедин“). Токму на „Синеквест“ пред 3 години „Врба“ на Манчевски беше крунисан со наградата за најдобар филм и претставен како „филм што нема да го заборавите“. Минатиот месец „Кајмак“ ја имаше и данската премиера во Копенхаген. „Кајмак“ е еден од македонските филмови што имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис… Понатамошниот процес на пласман е во тек. „Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и многубројни написи во локалните медиуми. Ја освои специјалната награда на жирито на фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија. „Кајмак“ беше најгледан филм во Македонија минатата година. Во оваа македонско-данско-холандско-хрватска копродукција ,поддржана од „Еуримаж“, главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг-директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Јан Прајор.


 
 
 

Commentaires


bottom of page