Нова книга на проф. д-р Елка Јачева-Улчар: Презимето е важен сегмент на нашето идентитетско наследст
Нова книга на проф. д-р Елка Јачева-Улчар: Презимето е важен сегмент на нашето идентитетско наследство„Во оваа книга што носи горд наслов ‘Презимето кај Македонците’ сакав да проговорам за три потсистеми на презимиња, карактеристични за определени географски простори: во Малешевијата врз основа на образувањето и акцентот, во охридски Варош за бессуфиксните презимиња, во Прилеп за прекарите како главна основа за формирање презимиња“, вели за својата книга Јачева-Улчар. Таа посочува дека „Македонското презиме го има својот зародок во Битолскиот триод, кој е еден мошне стар македонски средновековен ракопис од втората половина на 12 век, пишуван со кирилица“. Книгата дава и кус историјат на развојот на презимето кај Македонците, а поместени се и приказните за презимињата на дваесетина видни личности кои оставиле трага во македонската култура…
„Презимето кај Македонците” е насловот на новата книга на проф. д-р Елка Јачева-Улчар, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, која деновиве ја имаше и својата промоција во Музејот на македонската борба во Скопје. Во ова дело, во издание на „Менора“, лингвистката, македонистка и ономастичар Јачева-Улчар, дава одговор на тоа што сè може да се најде во основата на презимето. Исто така, таа дава и кус историјат за развојот на најмладата антропономастичка категорија презимето кај Македонците. Воедно покажува што сè може да биде мотивациска основа за формирање на презимињата и на кој начин и со кои суфикси тие се образуваат.
„Во оваа книга, што носи горд наслов ‘Презимето кај Македонците’, јас сакав да проговорам за три потсистеми на презимиња, карактеристични за определени географски простори: во Малешевијата врз основа на образувањето и акцентот, во охридски Варош за бессуфиксните презимиња, во Прилеп за прекарите како главна основа за формирање презимиња… Врз основа на материјалот од двата тома во Речникот на презимињата кај Македонците, но и со лична ексцерпција на презимиња што не се застапени во Речникот, се обидов да ги излачам покарактеристичните и понеобичните презимиња. Генеалошки да ги подредам во различни групи оние презимиња со немакедонско потекло на несловенските и на словенските народи што се слеале низ вековите и времето овде на ова мало парче земја, па презимињата ги претвориле во живи споменици, чувари на бурите и питомините во меморијата, кондензатори на погроми, егзодуси, тага и болка, но и блескави симболи на испреплетна духовност од различни нитки љубов…”, посочува Јачева-Улчар. Таа исто така додава дека во книгата се зборува и за зародокот на презимето на нашата почва, но… и многу повеќе.
Processed with MOLDIV
„Македонското презиме го има својот зародок во Битолскиот триод, кој е еден мошне стар македонски средновековен ракопис од втората половина на 12 век, пишуван со кирилица и со чести глаголски вметнувања“, вели Јачева-Улчар. Во нејзината книга е даден и кус историјат на развојот на презимето, или како што ќе рече меѓу другото ‘развојот на македонското фамилијарно име во презиме искажано од нашиот Голем учител, Блаже Конески, онака патем во неговите разговори со Цане Андреевски’. Во дел од книгата, додава, се зборува и за женското презиме во Македонија, „до каде стигнала во еманципацијата онаа македонска жена од почетокот на 20 век, онаа чуварка на огништето и домот која дури и не била позната под своето име туку на она од мажот, опишана и претставена како Дуковица, Јакимовица, Коруница, Тодорица, Неделковица, Мисајлејца… од мајсторското перо на Петре М. Андреевски“.
Во нејзината книга се разгледува и презимето од правен аспект, а во
ова дело се поместени и приказните на дваесетина видни личности кои оставиле трага во македонската култура.
„Пред крајот сакав да предупредам дека не треба да ја кршиме традицијата во оној, за нас, карактеристичен состав на именската формула, ниту, пак, треба да се откажеме од оној женски белег на родот во презимињата, коишто многу презимиња на многу блиски народи до нас го немаат… и затоа, можеби, треба да го чуваме, како нешто наше, автентично, без поведување од не знам какви модни трендови, кои, секако, најмалку треба да се одразуваат во презимето како важен и значаен сегмент на нашето идентитетско наследство… На самиот крај, ги собрав приказните за презимето на моите пријатели кои често сум ги прашувала токму поради презимето од каде се дојдени во Македонија, од каде се нивните предци, го чуваат ли дома духот на средината од којашто дошле и покрај тоа што со децении, па и векови живеат овде и се кажуваат дека се Македонци… Нивните често трогливи приказни, а напати топли и љубовни, сакав да ги споделам со вас… “, вели Јачева-Улчар.
Тука се приказните за презимето на младиот и многу талентиран поет Андреј Ал Асади, на Даринка Крстанова, поранешен почесен конзул на Руската Федерација за презимето на нејзиниот дедо Иван Ангелин, на академската сликарка Марија Светиева за еврејското презиме Ергас, на актерката Јелена Жугиќ за нејзиното презиме со црногорско потекло, на д-р Катерина Станкова-Нинова за нејзиното ерменско презиме по мајка Јармјан, на Трајче Чатмов за украинското презиме Јермилов, што е всушност моминско презиме на неговата мајка… Интересни се и приказните на проф. Татјана Христовска-Качоровска за полското презиме Качоровски, на истакнатиот македонски поет и собирач на македонски старини Алдо Климан за презимето запишано 1288 год. во Винодолскиот законик…, на д-р Ана Мартиновска од Институтот за македонска литература за презимето Мартиновски, односно влашки Мартини кој го наследила од дедо си, големиот сликар Никола Мартиноски, на Хрисула Пенопулу Сувариева, ќерка на бегалци од Егејска Македонија, преселени овде од Узбекистан, на Емилија Роп носител на словенечко презиме…
„Оваа книга не можеше да остане ненапишана…“, вели Јачева-Улчар, која додава дека таа претставува сублимат од одговори на прашања кои самата си ги поставувала себеси во одделни статии во последниве десетина години, но и одговори на низа прашања што ѝ ги поставувале пријателите и познаниците кога ќе разбереле со што се занимава во Институтот за македонски јазик веќе 16 години… (Д.Т.)
Comments