top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нова книга на Борче Грозданов: Тажно-среќниот човек го распосла својот живот пред читателите

Борче Грозданов, пензионираниот новинар и театарски критичар од дневниот весник ВЕЧЕР (повеќе од деценија), во својата најнова книга, фрагментирана автобиографија „Тажно-среќен човек“, реши да го каже она што му лежи на душата, да ги спомене личностите кои му значат и настаните кои никој друг не се сетил да ги запише…

Се распосла онака кршливо, на моменти и прекршено, на стотина странички пред сè и над сè за да остави сведоштво за себе, за своите најблиски, за својата Македонија, но и за животот во театарот и театарот во неговиот живот, за пријателите… Борче Грозданов, пензионираниот новинар и театарски критичар од дневниот весник ВЕЧЕР (повеќе од деценија), во својата најнова книга, фрагментирана автобиографија „Тажно-среќен човек“, во издание на „Феникс“, реши да го каже она што му лежи на душата, да ги спомене личностите кои му значат и настаните „кои никој друг не се сетил да ги запише“.

А на овие тажно-среќни страници напишани од Борче се најдоа најмилите, таткото (познатиот македонски актер Мите Грозданов), кој го изгубил „поради неговата убеденост дека секогаш е во право, па дури и тогаш кога сакаше да си поигрува со смртта небаре е навистина Иљо М, свесно трчајќи ѝ во прегратка“ и мајката –храброст“, неговата Магде, која “секогаш е тука до него, покрај него и зад него, поткревајќи го и исправајќи го по неговите падови“. Тука е и неговата муза, сопругата Катерина Аџи Грозданова (Мечето Кети) и самата поетеса, која прерано го напушти, не успевајќи да се избори со чумата на денешницата – ковид-вирусот, а со која „заедно газеа по сомнежите, стравот и омразата, но која го направи среќен, за навек…“.

„Насловната страница на книгата е личен дизајн на Кети, која всушност ја има отчукано 90 проценти од книгата, а јас ја нареков ‘моја Софија Толстој’”, ни вели со тага во гласот Грозданов.

На страниците на својата најнова книга, тој се потсетува и на настаните и личностите од своето детство, на драгите членови на блиското семејство, на соседите, маалските другари… Борче се потсетува и на својот професионален пат, на театарските дружби, фестивалите, критиката која редовно ја пишувал за сите одиграни претстави на македонската театарска сцена што резултираше и со наградата Мито Хаџивасилев Јасмин“ за публицистика, доделена за збирката „На(д) сцената 2“ (2014). И неговите, како што ги нарекува „сопатници-столбови“, меѓу кои и „Вечеровци“, се дел од едно животно патешествие распослано на страниците на оваа книга. А во неа, меѓу другото, онака директно, без задршка – за инает на душманите, ја спомнува и неговата и наша Македонија… Всушност, се што требаше и мораше да се напише, според авторот Грозданов, е тука во ова негово најново писание, како сведоштво за еден тажно-среќен човек и настаните во неговиот тажно-среќен живот кои никого не оставаат рамнодушен…

А авторската биографија на Борче Грозданов е долга. Зад него се и монографијата по повод 50 години НТ „Антон Панов“ од Струмица, „Чекори по ѕвездените штици“ каде што е коавтор (1999), а автор приредувач е и на монографијата „Мите-сцена –живот“ посветена на актерот Мите Грозданов (2012). Неговата прва збирка поезија „Пориви“ е издадена во 2002. Потоа следуваат „Грст стихви“ (2008), „Четириесет воздивнувања“ (2009), „Сништа и соништа“ (2015) и „Љубов – Патешествие“ (2016) –две книги во една пишувани со неговата сопруга Катерина, на која ѝ ја посвети и книгата „Патешествие“ сонетниот венец „за неговата љубена“. Зад него се и проектите „Незавршена приказна“, монодрама на Емилија Андреева, работена по негови стихови, „Човекот од собата 7“ монодрама со Сашо Тасевски во режија на Ристе Алексовски, што по „Бели ноќи” од Достоевски ја адаптираше Грозданов, а во 2015 премиерно беше одиграна монодрамата „Црв” со актерот Мите Грозданов, адаптирана од романот „Вистина , љубов – Рашомонијада“ од Дејан Трајкоски. Пиесата „Чие е” (2013) е негово драмско првенче, а книгата „Патникот” е прв обид на Грозданов како раскажувач, движејќи се низ патешествијата со неговиот другар, прерано починатиот актер Васил Шишков ( 2015). Во 2016 излезе и неговата последна книга „Монодрами“ (адаптација) од кои три веќе се играа. Во 2017 година излезе и Монографијата за актерот Васил Шишков под наслов „Шиле“, во 2018 книгата „Во четири очи (доајени)“, во 2019 „Во четири очи (млади)“, а во 2021, еве, се објавува неговата книга „Тажно-среќен човек“ (прекршена автобиографија). (Д.Т.)




3 views

Comments


bottom of page