top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нова атракција на Нијагарските Водопади

Нијагарските Водопади се една од најпрепознатливите природни убавини на Америка и магнет за милиони туристи, а сега за посетителите е отворен и џиновскиот тунел што служеше како одвод за вода од моќната Нијагара откако помина низ турбините и ги стартуваше генераторите на Тесла во хидроцентралата. Длабоко под карпите над кои минува Нијагара се кријат голем број простории и премини, од кои највпечатлив, секако, е тунелот долг 670 метри, кој пред повеќе од еден век беше пробиен од канадска страна.

Хидроелектричната централа работеше од 1905 до 2006 година и ја пренасочуваше водата од моќната река Нијагара, за да ги напојува огромните генератори што помогнаа овој дел од Северна Америка да се внесе во модерната доба, а блискиот град Бафало да се нарече Град на Светлината. Посетителите можат да го истражат и инженерскиот скапоцен камен што бил откопан во 1901 година, користејќи само рудиментиран динамит, метални прачки и лопати.

Регионот околу водопадот бил многу примамлив за бизнисмените на преминот од 19 во 20 век да ја искористат моќта на водата, пишува „Би-би-си“.

Денес, станицата „Нијагара паркс“ е единствената целосно зачувана хидроелектрична станица од тој период. Првично управувана од канадската „Нијагара пауер компани“, таа користеше генератори на „Вестингхаус“ за производство на наизменична струја според патентот на Никола Тесла, што беше вистинска револуција во тоа време. Благодарение на пронајдокот на Тесла за полифазен систем на наизменична струја, можноста за користење на водната моќ на Нијагара е многукратно зголемена.

Колку и самото производство на енергија, исто толку важен беше и нејзиниот транспорт, па „Вестингхаус“, повторно врз основа на патентите на Тесла, беше ангажиран за изградба на преносен систем. Изграден е далновод до Бафало, на 35 километри од хидроцентралата „Адамс“. Првото количество електрична енергија пристигна преку далноводи на 16 ноември 1896 година, што претставуваше голем триумф на полифазниот систем на Тесла.


2 views

Comments


bottom of page