top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нов тренд во Кина, сите носат фантомки на плажа

Покрај бикини, Кинезите во последно време носат и фејскин, парче ткаенина дизајнирано да спречи лицето да изгори при капење на плажа. Всушност, тоа се еден вид фантомки, со отвори за очите, устата и носот. Иако овој тренд доби побројна публика деновиве, маската всушност во 2004 година ја измисли дизајнерката Занг Шифан, некогашна сметководителка во кинескиот град Кингдау, каде што необичното средство во борбата против опасните сончеви зраци беше и промовирано. Освен што чува од несаканите УВ-зраци, оваа маска спречува и убоди од инсекти, како и изгореници од медузи, што се многу чести во ова кинеско туристичко место. За маските се користат ткаенини, вообичаени за изработка на костими за капење. Пред две години креаторката Занг Шифан исфрли нови модели на фејскини, кои освен лицето го покриваат и телото. Стандардните модели чинат од 2 до 4 долари, а оние поотмените од 16 до 24 долари.

Колекцијата може да се набави и на веб-страницата facekini.com, каде што стои дека научниците потврдиле оти овој изум е број еден во спречувањето на рак на кожата, кој често е последица на силните УВ-зраци. Дезенот е најразновиден, во шара на леопард, во бои на виножито, со шарени пердуви, мотиви на знамиња, но и обична црна маска, која потсетува на оние што ги носат крадците, односно фантомките од американските филмови. – Моја цел е да ги заштитам луѓето од сонцето и од медузите. Иако на Азијците тенот им е жолт и многу брзо потемнува, за нас тоа не е убаво. Наш идеал на убавина е светол тен – објаснува дизајнерката за порталот Голд Трејд. По извесно време, од овој чуден моден додаток се воодушевија некои креатори, па магазинот „ЦР фешн бук“ објави неколку серии фотографии на кои моделите носат фантомки во комбинација со креации на Александар Ванг и Мајкл Корс.


0 views

Comments


bottom of page