top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нов светски рекорд на Меклафлин, која истрча побрзо од финалистки на 400 м

Американката Сидни Меклафлин (22) го собори сопствениот светски рекорд (50,68 секунди) и го освои златото во трката на 400 метри со пречки, на Светското првенство (СП) во Јуџин (САД). Стариот рекорд од 51,41 секунда таа го постави во јуни годинава.

– Времето е апсолутно неверојатно, спортот станува сѐ побрз – изјави Меклафлин.

Холанѓанката Фемке Бол, која освои бронза лани на Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио, го освои сребрениот медал (52,27), а Американката Далила Мухамед, поранешната светска рекордерка и светската шампионка од СП 2019, беше трета (52,16). Во изминатите 13 месеци, Меклафлин истрча пет од шесте најбрзи времиња во историјата на оваа делница. Нејзиното победничко време беше побрзо од седмото и од осмото место во финалето на 400 метри за жени, кое се трчаше половина час порано.

Меклафлин уште еднаш навести дека може да ја смени дисциплината и да трча на 400 метри.

– Јас и тренерот Боби Керси по завршувањето на сезоната ќе одлучиме дали и понатаму ќе трчам во оваа дисциплина, во која постигнав многу или ќе побараме некој нов предизвик – изјави таа за „Ен-би-си“.

Во други дисциплини на СП во САД, во трискок, Португалецот Педро Пичардо, освојувачот на златен медал на ЛОИ во Токио, повторно освои златен медал, со скокот од 17,95 метри. Во фрлање копје, Андерсон Питерс од Гренада го одбрани златото од СП 2019 со 90,54 метри. На 5.000 метри, Етиопјанката Гудаф Цегај го освои златниот медал (14:46,29 минути), откако на 1.500 метри освои сребрен медал. Во машката трка на 800 метри победи Кениецот Емануел Корир (1:43,71 минути). На вчерашниот последен ден на СП 2022 беа доделени девет златни медали, во скок со стап за мажи, на 100 метри со пречки за жени итн. Л.Д.


1 view

Comments


bottom of page