top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нов рекорд за „Симпсонови“

Долготрајната американска анимирана серија „Симпсонови“ продолжува да се дружи со милиони гледачи. Тоа ќе го прави најмалку уште две години. Како што неодамна објавија американските медиуми, серијата, чиј автор е Мет Грејнинг, е обновена за 35-та и 36-та сезона, со што е постигнат нов рекорд. До средината на 2025 година ќе бидат прикажани 50 нови епизоди, кои заедно со веќе постојните 750 прават бројка од 800 епизоди!

Серијата за жителите на Спрингфилд не само што ќе продолжи да биде најдолготрајната анимирана сага, како и најдолготрајна комедија, туку ќе остане на врвот на листата на најдолготрајни серии во историјата на американската телевизија и онаа што има најголем број прикажани епизоди. Иако „Симпсонови“ предвидоа многу работи од првата епизода емитувана на 17 декември 1989 година – од Трамп на чело на САД до нападот на кулите близначки – нивниот сопствен рекорд, сепак, не го предвидоа.

На листата на најдолгите американски серии, веднаш по „Симпсонови“, се најде криминалистичката драма „Закон и ред: Специјална единица за жртви“. Серијата со Маришка Харгитај во улогата на детективката Оливија Бенсон, наскоро ќе ја заврши својата 24-та емитувана сезона со досега прикажани повеќе од 530 епизоди. Потоа следуваат серијата „Ред и закон“ (22 сезони и 480 епизоди), анимираната комедија „Семеен човек“ (21 сезона и повеќе од 400 епизоди) и вестерн-драмата „Мирисот на барут“ од 1955 година со дваесет емитувани сезони и 635 епизоди.

Меѓу десетте серии се и „Поморски истражувачи“ (20 сезони и повеќе од 450 епизоди), „Леси“ од 1954 година (19 сезони и 591 епизода), „Вовед во анатомија“ (19 сезони и повеќе од 406 епизоди), како и анимираната серија „Американски татко“ (19 сезони и повеќе од 344 епизоди) и криминалистичката серија „Криминални умови“ (16 сезони и 334 епизоди).

Од овие десет серии, дури осум сѐ уште се емитуваат на малите екрани. „Мирисот на барут“ и „Леси“ се единствените што заминаа во историјата.


1 view

コメント


bottom of page