top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нов најдобар пласман на Калин Ивановски, Новак Ѓоковиќ израмни рекорд

ТЕНИС – РАНГ-ЛИСТИ

Македонскиот тенисер Калин Ивановски (18) продолжува да напредува на рангирањето на Асоцијацијата на тениски професионалци (АТП), откако на ранг-листата за неделава го подобри пласманот за 16 места и моментално е на 478-то место во светот, со 84 бода. Ова се должи на впишување на поените од турнирот во Тунис пред една недела и неговиот настап во финалето. Најдобар пласман на македонски тенисер на АТП-листата досега оствари Предраг Русевски (242-то место), а потоа следуваат Александар Китинов (296-то) и Лазар Магдинчев (339-то). Новак Ѓоковиќ пак (7.070 бода) ја почна својата 377. недела на врвот на АТП-листата и со тоа се израмни со легендарната Германка Штефи Граф, која исто толку недели беше прва на листата на Женската тениска асоцијација (ВТА), а наредниот понеделник има можност да го собори и својот рекорд, нешто што порано се сметаше за недостижно. Ѓоковиќ првпат се искачи на врвот на 4 јули 2011 година. На најновата АТП-листа нема промени до шестото место. Зад Ѓоковиќ се Шпанецот Карлос Алкараз (6.730, победи на турнирот во Буенос Аирес), Гркот Стефанос Циципас (5.940), Норвежанецот Каспер Руд (5.515), Русинот Андреј Рубљев (4.065) и Шпанецот Рафаел Надал (3.815), додека седми сега е Американецот Тејлор Фриц (3.455), кој напредуваше за едно место. На листата на ВТА убедливо води Полјачката Ига Швјонтек (10.900 бода), пред Белорусинката Арина Сабаленка (6.100), додека најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа (28) напредуваше за едно место и сега со 279 бода е 222. во светот (најдобар пласман 170-то место). Швјонтек на доминантен начин ја одбрани титулата на турнирот од серијата ВТА 1.000 во Доха, загубувајќи само пет гема, што е рекорд во опен-ерата. Досегашниот рекорд го држеше Американката Крис Еверт, која во 1981 година во Лугано загуби седум гема. Г.И.


1 view

Comments


bottom of page