top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нов медал за Рељиќ, бронза на турнирот „Г2 – Србија опен“

ТАЕКВОНДО

16.04.2024 April Vtornik

Најдобрата македонска таеквондистка, членка на клубот Тигри и репрезентативка Милијана Рељиќ (до 62 кг) освои бронза на турнирот „Г2 – Србија опен“ во Белград, на кој настапија над 1.100 учесници (350 сениори).– Во категоријата на Рељиќ имаше 30 учеснички, од кои две актуелни олимпијки со исполнета А-норма за Париз, Петра Столбова од Чешка, која освои бронза, и Унгарката Вивијана Мартон, која беше прва во нашата категорија. Рељиќ е моментно деветта на светската ранг-листа со 153 поени, а петтата има 158 поени. Со овие поени треба да избие на шестата позиција – вели нејзиниот тренер Александар Ефтимов.Ефтимов вкупно е задоволен од прикажаните борби на Рељиќ.– Во првата борба Милијана првпат се сретна со Азербејџанката Мејлин Мамаџада. Азербејџан, како Иран е меѓу елитата во теквондото, но Рељиќ е веќе искусна и успеа да ја добие. Најтешка ѝ беше борбата во второто коло со Србинката Ела Мариќ, која ја победи со 2-1 во рунди. Во третото коло се сретна со Иранката Елхам Хаџиџи и славеше со 2-0 во рунди. Во полуфиналето загуби минимално од Хрватката Хелена Кичема, која претходно ја имаме двапати победено. Од една страна не сум задоволен што загуби од неа, но од друга страна ме радува формата на Рељиќ, оти беше многу подобра од неа овој пат, но поради повредената дланка, повреда што Рељиќ ја доби против Иранката, заморот и настинката од минатата недела, не успеа да ја совлада. Вкупно задоволен сум од целиот настап, ова е трет медал годинава од четири Г-турнири, во споредба со лани, кога на првите пет Г-турнири не освои медал, а и формата е драстично подобрена. Ако се земат предвид и ЕП до 21 година и Балканскиот Г1-куп од ноември и декември во 2023 година, Милијана има пет медали на последните шест Г-турнири, што е за пофалба. Следни турнири ни се Европскиот президенс Г2-куп и „Талин Г1 опен“ кон крајот на месецот и секако, најбитното, ЕП во мај во Белград. Со овие поени, на ЕП Рељиќ треба да е меѓу првите четири носителки, што теоретски треба да значи малку подобра ждрепка за да стигне до медал, но таму конкуренцијата е секогаш пеколна – вели Ефтимов. Г.И.

 

0 views

Comments


bottom of page