Ништо од ракометен мундијал: Украинките подобри од Македонија и во Унгарија
Најсилната женска ракометна репрезентација претрпе и втор пораз од селекцијта на Украина, а овој денеска во Унгарија беше далеку поубедлив и само јасно стави до знаење дека во моментов немаме сили за да настапуваме на Светско првенство.
По поразот на домашен терен кој го ублаживме со извонредно второ полувреме, Љубомир Савевски веруваше дека неговите ракометарки ќе повторат таква игра во сите 60 минути во Кишварда, но мечот на неутрален терен уште на самиот старт најави црно сценарио за нашите најдобри репрезентативки.
Техничките грешки повторно беа пресудни за лош старт на натпреварот, а тоа беше пресудно за големо одлепување на Украинките, кои на крајот остварија и убедлива и лесна победа.
Украина славеше со 31:22 и се пласираше на ракометниот мундијал кој ќе се игра во Данска, Норвешка и Шведска, а Македонија ќе мора да почека нова шанса за такво нешто по елиминацијата во баражот.
Само за потсетување, минатата година голем спортски настан во нашата земја беше одржувањето на Европското првенство на кое бевме ко-домаќини, но за жал, женската ракометна репрезентација не го одржува континуитетот и нема да настапи и на Светското првенство.
Comments