Ништо од вечно дерби: ТФТ го доби Работнички и закажа полуфинале со МЗТ Скопје
Полуфиналето на кошаркарскиот Куп нема да донесе вечно дерби меѓу Работнички и МЗТ Скопје, а за такво нешто се погрижи бранителот на титулата. ТФТ го доби последното четвртфинале кое денеска се играше на Кале и излезе како поуспешен во дуелот со најтрофејниот тим во македонската кошарка, па се избори за реприза на минатогодишното финале, но една рунда претходно. Тимот од Тафталиџе имаше подобро отворање на мечот и дојде до осетна предност од плус 13, но Работнички не се откажа така лесно и успеа да се врати во втората четвртина. „Центарци“ максимално се вратија и дури поведоа на крајот од овој период, но сепак на полувреме се замина со минимална предност на ТФТ од 42:41. Во вториот дел, до израз дојде одбраната и токму овој сегмент го реши победникот, бидејќи ТФТ имаше повеќе нерви во последната четвртина, откако губеше во речиси цела трета. Тимот на Боро Смилковски замина на плус осум и не ја испушти оваа предност до крајот на мечот, за конечни 78:73 и закажан полуфинален дуел со МЗТ. Во второто полуфинале, силите ќе ги одмерат Пелистер и Феникс 2010.
Comments