Нина од Нови Сад продава крофни на улица за да му помогне на својот болен татко
Нина Нинковиќ од Нови Сад го воодушеви регионот кога на социјалните мрежи се прошири веста дека ова вредно девојче продава крофни за да собере пари за лекување на својот болен татко. Нејзините мајка и баба печат крофни, а таа ги продава за симболични 100 динари. Гестот бргу го препознале сите новосаѓани, пишува „Блиц“, и до тој степен што на мајка ѝ и на баба ѝ сега им е потребна помош во подготовката бидејќи крофните се продаваат побргу отколку што може да ги направат. Им помагаат и соседите, но побарувачката и понатаму е огромна. „Отпрвин сакав да продавам крофни за џепарлак. Но, се сетив дека можам да му помогнам на татко ми да собере пари што е можно побргу за неговите лекови. Затоа почнав да продавам за него“, вели малото девојче, кое продаде 500 крофни за едно попладне кога луѓето слушнаа што прави. Сограѓаните од Нови Сад се организираа да ѝ помогнат. „Синоќа поведовме иницијатива на социјалните мрежи да контактираме со сите што би можеле да се приклучат во правењето крофни сè со цел да се продаде што е можно повеќе, а со тоа и побргу да се соберат пари за лекување на таткото на Нина. Можеме да кажеме дека одѕивот е задоволителен, а она на што се надеваме е дека ќе се приклучат што повеќе волонтери“, изјави за „Блиц“, Стеван Бабиќ, од новосадскиот тим Крени – промени. Во 2016 година, таткото на Нина, Зоран, го загуби видот по аблација на ретината. Во март 2022 година повторно имало аблација по што му беше дијагностицирана симпатичка офталмија и панувеитис поради што неговиот живот е во опасност. Сега му треба помош за да оди на понатамошно лекување.
Comentarios