top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Никола Дукоски – македонски претставник на европското слем првенство во Брисел

Македонскиот слемер Никола Дукоски ја претставуваше Македонија на годинешново Европското слем првенство во Брисел, Белгија, на кое се натпреваруваше заедно со 19 други национални репрезентативци и репрезентативки од вкупно 20 европски земји.

„Европското слем првенство сè уште трае со сите изведувачи и во ниту еден момент не се почувствуваме како натпреварувачи. Трае затоа што се поврзавме со разговори, уметност, поезија, музика, духовност и, пред сè, човечност. Организацијата беше одлична, а слем перформансите се случуваа и зад сцената каде сите уживавме“, вели Дукоски

Инаку, тридневниот фестивал (8., 9. и 10. декември) понуди различни програми кои можеше да се следат со физичко присуство и онлајн: дебати, форуми, работилници и, секако, натпреварувачкото слем финале.

Жирирањето на финалето беше комбинирано: со избор од петчлено жири од публиката, избор од национално жири од секоја земја учесничка и глобално онлајн гласање.

Македонското национално жири беше Валерија Дамчевска, која го освои третото место на националниот избор во Прилеп оваа година.

„Ова ми беше прв пат јас да оценувам, а не да бидам оценувана, откако „запливав“ во водите на слем поезијата. Ми претставуваше огромна чест што лично јас бев избрана да ја претставувам нашата држава на ваков голем настан. Иако го следев првенството онлајн и се вклучив онлајн, целиот процес, за мене претставуваше голема одговорност, но пред сè предизвик да се дадат оцени на најдобрите во Европа. Само на ваков голем настан може да видите толку многу различни изведби, секоја уникатна и пренесена на свој начин, со моќни пораки кои остануваат врежани во увото на слушател(к)ите. Слемот е најдобриот начин да се (рас)каже некаква приказна или ситуација, оставајќи силен впечаток со пренесувањето. Сепак на крајот на краиштата, нашиот Никола е најдобар според мене и се претстави и нè претстави во најдобро светло пред европската публика.

Сметам дека нашата земја сè уште се запознава со слем поезијата и огромен дел од луѓето сè уште не знаат што воопшто претставува слемот, иако ние слемер(к)ите, интензивно работиме што поголем број на сограѓан(к)и да се запознаат и вклучат во ваквиот тип на поезија и перформанс“, посочи Валерија Дамчевска.

Овогодишна земја победничка е Белгија, а победата ѝ ја донесе претставничката Мари Дара.


2 views

Comentários


bottom of page