Никол Кидман во новата мини-серија „Девет совршени странци“
Никол Кидман во улога на гуру за добро здравје, Маша Дмитриченко, им нуди на своите клиенти неколку чудни методи за релаксација во трејлерот за мини-серијата „Девет совршени странци“, која е адаптација на истоимениот роман на Лијан Моријарти.
Заплетот на оваа мини-серија се одвива во луксузен центар за добро здравје, каде што девет луѓе доаѓаат на 10-дневен одмор, сите со надеж дека ова искуство ќе им го промени животот и ќе им помогне да се преродат. Тие се надгледувани од директорката на оваа институција, Маша (Кидман), која е многу посветена на својата работа и не се двоуми да користи контроверзни методи за да им помогне на своите клиенти. Или можеби таа само се претставува така, а всушност има некои многу потемни мотиви? За што точно станува збор ќе дознаеме по осумте епизоди од оваа мини-серија, која првпат ќе се емитува на стриминг-сервисот „Хулу“ од 18 август до 22 септември.
Зад мини-серијата стојат Дејвид Едвард Кели, телевизиски ветеран, кој беше извршен продуцент на серии како „Невини лаги“, „Адвокатура“ и „Али МекБил“ и Џон-Хенри Батерворт, кој во моментов работи на сценариото за петтиот филм од серијалот Индијана Џонс. Покрај Никол Кидман, во мини-серијата играат и Мелиса Мекарти, Лук Еванс, Мајкл Шенон, Реџина Хол, Боби Канавале, Самара Вивинг и Тифани Бут.
Comments