Нешто слатко со Сашко и Јелена… – македонска премиера на комедијата на Тин Водопивец
Во оваа комедија, за кој и самиот Сашко Коцев и режисерот Тин Водопивец велат дека е правен со малку пари, очигледно е вложено многу ентузијазам. „Мора да кажам дека немавме многу пари и дека сè сами средувавме. Полициската кола беше бела, ставивме налепници и кога ги одлепивме, се одлепи и бојата, што беше дополнителен трошок во буџетот“, на смеа раскажа Водопивец, кој на премиерата што беше одржана во саботата, во „Синеплекс“, додаде дека е горд што филмот, кој го снимале за време на короната, го довеле до крај. Тој раскажа и анегдота од снимањето на филмот во хотелот, кога им дошла инспекција, па морале да се кријат на покривот, бидејќи сертификат за вакцинација имал само Коцев
Во саботата вечерта, сите сали во киното „Синеплекс“ во Скопје, во кои се прикажуваше романтичната комедија „Нешто слатко“ (Nekaj Sladkega) во режија на стендап-актерот Тин Водопивец од Словенија и со актерите Јелена Јованова и Сашко Коцев во главните улоги, беа полни. Филмот кој во февруари за првпат беше прикажан во Љубљана, викендов ја имаше својата македонска премиера, која со голем интерес беше пречекана и од домашната публика, исполнувајќи ги петте сали до последното место.
„Нешто слатко“ е збунувачка романтична комедија. Филм полн со преплети и со забавна содржина. Кариерата на една организаторка на конференции, Каја (Јелена Јованова), е во рацете на маркетинг-гуруто од Македонија и истовремено голем женкар – Аце Мајсторовски (Сашко Коцев), кој го пропушта летот за Љубљана. За да избегне катастрофа, таа го заменува со еден локален слаткар, Гоги, кој изгледа исто како него (го игра, исто така, Коцев). Во меѓувреме, Аце, сепак, тргнува на пат за Љубљана со кола и со возач, но и со бабата на возачот, а по пат им се случуваат разни непредвидени ситуации. Сепак, на крајот сè завршува „добро“, Аце пристигнува на конференција во Љубљана, а меѓу Каја и слаткарот Гоги се случува и „љубов“.
Во овој филм, за кој и самиот Сашко Коцев и режисерот Тин Водопивец (кој игра полицаец во филмот) велат дека е правен со малку пари и е нискобуџетен, очигледно, е вложено многу ентузијазам.
Коцев, кој е и копродуцент на филмот и кој заедно со сценаристката Уршка Мајдич се потпиша на сценариото на комедијата, претходно посочи дека ова е филм за човековата прва и последна шанса во животот. Тој има настапувано со Водопивец, кој му е пријател повеќе од десет години, на многу стендап-настапи во Скопје, Белград, во Хрватска, Словенија… Токму по сугестија на Коцев, и Јелена Јованова стана дел од филмот. Таа е копродуцент од Хрватска. Македонски партнер е „Процес К продукција“.
Во филмот, покрај Коцев и Јованова, играат и Александар Микиќ, Ула Фурлан, Оријана Џирото и Ранко Бабиќ.
„Идејата за овој филм постои веќе десет години. Сценариото беше напишано токму за Сашко Коцев, бидејќи тој беше единствениот актер кој би можел да го одглуми тоа. И потоа Сашко ги предложи Јелена и Александар, и затоа му благодарам на Сашко. Сепак, мора да кажам дека немавме многу пари и дека сè сами средувавме. Полициската кола беше бела, ставивме налепници и кога ги одлепивме, се одлепи и бојата, што беше дополнителен трошок во буџетот… – на смеа раскажа Водопивец, кој додаде дека е горд што филмот, кој го снимале за време на короната, го довеле до крај. Тој раскажа и анегдота од снимањето на филмот во хотелот, кога им дошла инспекција, па морале да се кријат на покривот, а сертификат за вакцинација имал само Коцев.
„Ете, филмот го снимавме ‘партизански’“, посочи низ смеа Сашко Коцев.
Инаку, се планира филмот да биде прикажан и во киносалите низ Македонија. (Д.Т.) Фото: Ѕ. Плавевски
Comments