„Нетфликс“ ќе го избрише телефонскиот број што се појавува во серијата „Игра со лигни“
Продукциската куќа „Нетфликс“ најави дека ќе го смени телефонскиот број што се појавува во неколку сцени од хит-серијата Squid Game, откако една жена се пожали дека се соочува со лавина повици кон нејзиниот мобилен телефон. Јужнокорејската драма се фокусира на натпреварувачи кои треба да се јават на телефон за да учествуваат во детски игри на живот и смрт за пари. Во неколку сцени, е прикажан телефонски број видлив на визит-картичка. Иако повеќето серии користат лажни броеви, креаторите на „Игра со лигни“ случајно искористиле вистински број што ѝ припаѓа на една жена од Јужна Кореја, која секојдневно примала илјадници повици. Деловна жена во Сеонџу, југоисточна Јужна Кореја, изјавила дека бројот кој се појавува на екранот е всушност нејзиниот телефон – и била преплавена со барања за игра. Таа за локалните медиуми рекла: „Примав илјадници пораки и повици на мојот телефон до тој степен што ми е тешко да продолжам со секојдневниот живот“. „Ова е број што го користам повеќе од 10 години, така што сум изненадена. Има повеќе од 4.000 броеви што морав да ги избришам од мојот телефон”, рече таа за Money Today. „Отпрвин не знаев зошто, но мојот пријател ми рече дека мојот број се појавил во Squid Game и тогаш сфатив.“ Локалните медиуми пишуваат дека таа ги одбила понудите за надомест во висина од пет милиони вони (4.178 долари). Серијата стана популарна низ светот по премиерата на „Нетфликс“ минатиот месец и се смета дека е најуспешната серија досега.
Comments