top of page

„Нетфликс“ тужен за 105 милиони долари — украден хард-диск со необјавен филм на Николас Кејџ

01.08.2026 Avgust Sabota

Стриминг-платформата „Нетфликс“ се соочува со тужба вредна 105 милиони долари, откако од нејзините канцеларии во Лос Анџелес бил украден хард-диск што содржел необјавена копија од воениот шпионски трилер „Фортитјуд“ (Fortitude) со Николас Кејџ во главната улога.

Филмот, чиј буџет изнесува околу 45 милиони долари, бил доставен до „Нетфликс“ во јуни годинава, откако компанијата претходно покажала интерес за неговата промоција. Според договорот, дигиталната копија требало да се користи исклучиво за внатрешна проекција, по што датотеките требало да бидат избришани.

Но, во меѓувреме, канцелариите на стриминг-гигантот биле мета на кражба, при што исчезнале повеќе хард-дискови, меѓу кои и оној со филмот.

Од „Нетфликс“ ги отфрлаат обвинувањата дека ја сносат одговорноста за настанатата штета.„Нетфликс го оспорува секое тврдење дека ја сноси одговорноста за загубата на филм што бил доставен без стандардните индустриски безбедносни мерки. Иако не ги поседуваме правата за ‘Фортитјуд’, безбедноста на содржините ја сфаќаме многу сериозно. Спроведовме темелна истрага и понудивме да ги следиме познатите пиратски страници за евентуално неовластено објавување или продажба на филмот“, соопшти компанијата.

Во интерна електронска порака, шефот за аквизиција на филмови во „Нетфликс“, Шон Берни, навел дека ова е првпат компанијата да биде погодена од ваков вид кражба.

Во тужбата се наведува дека „Нетфликс“ не пријавил веднаш во полиција што се случило, ниту, пак, подоцна ја прифатил иницијативата на продуцентите во случајот да биде вклучена полицијата во Лос Анџелес.

Продуцентите тврдат дека поради исчезнувањето на копијата сериозно е доведена во прашање иднината на филмот. Меѓународната дистрибуција и планираната кампања за филмските награди се ставени во мирување.„Последиците за тужителите се огромни. Со несоодветното постапување со филмот и последователната рамнодушност, „Нетфликс“ ја загрози инвестицијата од повеќе од 45 милиони долари, како и вредноста на самиот филм. На актерската екипа и на авторите им беше одземена можноста нивното дело да стигне до публиката и да го добие признанието што веројатно ќе го донесеше светската премиера“, се наведува во тужбата.

„Фортитјуд“ е шпионски трилер сместен во Лондон за време на Втората светска војна, кој ја следи работата на британските разузнавачи. Покрај Николас Кејџ, во филмот играат и Метју Гуд, Мајкл Шин и Бен Кингсли, а режисер е Сајмон Вест, познат по филмовите „Томб Рајдер“ (Tomb Raider) и „Ќерката на генералот“ (The General’s Daughter).

Проектот претходно беше поврзан и со Мартин Скорсезе, кој во еден период требаше да биде дел од продукцијата. Подоцна против него беше поднесена тужба од сценаристот Сајмон Афрам, кој тврдеше дека му исплатил 500.000 долари за развој на проектот, но договорената работа не била реализирана. Спорот подоцна беше решен со спогодба.


 
 
 

Comments


bottom of page