top of page
Search
Writer's pictureAleksandar Santovski

Нема да биде исто без Лазаров и Миркуловски на теренот, но како тренери ќе ги пренесат победничкиот

Нема да биде исто без Лазаров и Миркуловски на теренот, но како тренери ќе ги пренесат победничкиот менталитет и борбеностаМакедонскиот ракомет и репрезентацијата повеќе нема да бидат исти, како ниту ракометната Лига на шампионите, ниту европските и светските првенства, без Кире и Жути на терените, заклучи поранешниот селектор Илија Темелковски, откако викендов двете македонски ракометни легенди Кирил Лазаров и Филип Миркуловски ги одиграа своите последни мечеви во професионалните кариери.

Големото финале од Купот на Франција што заврши со триумф на францускиот првак ПСЖ над Нант на Лазаров од 36-32 беше последниот официјален натпревар на легендарниот македонски бек, додека пак дуелот од последното коло во германската Бундес-лигат меѓу Вецлар и Минден беше последната победничка (30-28) ракометна претстава на македонското „борбено срце“ Филип Миркуловски, кој со два гола зад своето име стави крај на играчката кариера.

– Факт е дека македонската ракометна репрезентација загуби двајца значајни играчи на теренот кои беа пример за тоа како се игра за националниот дрес, но исто така, факт е дека доби одличен тренерско-селекторски тандем кој од клупата ќе продолжи да го води националниот тим. Жути е сининим за борбеност, истрајност и пожртвуваност, кој верувам дека сето свое искуство и знаење ќе ги пренесе на своите наследници на централната бековска позиција, а познавајќи го победничкиот карактер и тактичноста на Лазаров, не се сомневам дека ќе се обиде сета своја победничка енергија да ја пренесе во репрезентативниот тим и заеднички да ја продолжат низата настапи на големи натпреварувања – констатираше поранешниот селектор Ристо Магдинчев.

Во 27-годишната професионална кариера, од Борец, преку Пелистер Загреб, Веспрем, Ал Сад, Сиудад Реал, Атлетико Мадрид, Барселона и Нант, Лазаров зад себе има 18 шампионски и 19 куп-трофеи со тимовите во кои настапувал и десетици лични признанија. Со 1.482 гола на 252 натпревари, Лазаров е најдобар стрелец во историјата на ракометната Лига на шампионите, а со 92 -та постигнати гола на СП во Хрватска 2009 година тој е најефикасниот стрелец и актуелен рекордер во историјата на мундијалите. За македонската репрезентација Лазаров одигра 237 официјални натпревари на кои постигна речиси 1.700 погодоци.

– Ќе биде тешко да се замени и надополни отсуството на Кире на десната бековска позиција во репрезентацијата. На таа позиција ги имаме Мартин Велковски, Томислав Јагуриновски и Мартин Серафимов, но да бидеме реални, во моментов, тие не се на нивото на Лазаров. Но, тргувајќи од фактот што токму Кире ќе биде на купата, верувам дека ќе направи сѐ да им го пренесе своето знаење и искуство и да ги подучи да бидат подобри играчи – смета Магдинчев

Ако Лазаров е синоним за рекорди и голови, името на Филип Миркуловски е синоним за борбеност, бестрашност, пожртвуваност, фер-плеј, спортска интелигенција и за одличен креатор на играта што на секој меч давал 100 отсто од своите можности. По природа скромен, културен и тивок, миленик на публиката и идол на голем број млади ракометари. Професионалната кариера 12 години ја градеше во Металург, а потоа продолжи во германската Бундес-лига, каде благодарение на своите играчки и човечки карактеристики стана лидер и капитен на Вецлар (во чии редови и се пензионира). Токму во Вецлар од следната сезона ќе ја има улогата на помошник-тренер, а паралелно и улогата на прв асистент на селекторот Лазаров.

– Борбеноста и пожртвуваноста од секогаш биле карактеристика на Миркуловски и препознатлив стил во неговата игра, било да станува збор за клуб или репрезентација, а така продолжи и на интернационален план. За разлика од десната бековска позиција, позицијата среден бек полека ја пополнуваме со Филип Кузмановски, а исто така има и неколкумина квалитетни ракометари кои можат да се вклопат како замена. Верувам дека неговото ангажирање во репрезентацијата на позицијата тренер ќе биде од огромна помош во градењето на подмладениот тим и наметнувањето на борбеноста како главна карактеристика на поатот кон успехот и напредокот – заклучи Темелковски.



1 view

Comments


bottom of page